Угостителските објекти кои во месец април беа затворени поради ковид мерките ќе добијат помош од Владата во вкупна вредност од 5,77 милиони евра. На денешната владина седница, усвоена е одлуката со која е овозможена поддршка за вкупно 2.204 компании од угостителската дејност, коишто со одлука на Влада, беа затворени во периодот од 6 до 27 април, или вкупно 21 ден.
„Компаниите од угостителската имаа можност да се пријават на отворениот повик за финансиска поддршка, при што од вкупно 2.406 пристигнати апликации, 2.204 се целосни. Вкупната поддршка на сите компании, врз основа на просечниот месечен приход за 2019 и 2020 година, на кој се аплицира износ од 30 % помножен со бројот на денови во кои овие компании беа затворени во април оваа година, изнесува околу 3 милиони евра. Дополнително, секоја од компаниите добива и поддршка по 15. 200 денари за секој вработен според ефективните работни часови. Од апликациите е утврдено дека станува збор за 11.236 вработени, односно по овој основ компаниите ќе бидат поддржани со околу 2,78 милиони евра“, се вели во соопштението од Владата.
Претходно, на прес-конференција во Владата, премиерот Зоран Заев кажа дека 230 милиони денари се предвидени за јавната администрација годинава да добие регрес за годишен одмор или таканаречениот К-15. Тоа, како што кажа Заев, е обврска од потпишаните колективни договори во 2019 година и таа треба да се исполни.