ВЛАДАТА ЌЕ ОДЛУЧИ ЗА БАРАЊЕТО НА ТЕТОВО ШКОЛИТЕ ДА ПОЧНАТ СО ОНЛАЈН НАСТАВА, РЕЧЕ ЦАРОВСКА

    ВЛАДАТА ЌЕ ОДЛУЧИ ЗА БАРАЊЕТО НА ТЕТОВО ШКОЛИТЕ ДА ПОЧНАТ СО ОНЛАЈН НАСТАВА, РЕЧЕ ЦАРОВСКАУчилиштата се подготвени за сите три сценарија за почеток на учебната година, вели Царовска. - Од вчерашната посета на Прилеп. (Фото: МОН)

    Комисијата за заразни болести утрово имаше состанок и разговараше за барањата на Кризниот штаб на Општина Тетово, за учебната година да започне со онлајн настава наместо со физичко присуство на учениците и невакцинираните наставници да се тестираат еднаш неделно на нивна сметка, кажа денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

    Во Тетово има 2.021 активен случај на ковид-19.

    „Во координација сме со градоначалничката на Тетово Теута Арифи и Министерството за здравство. Комисијата го разгледува барањето и сѐ додека не добиеме одговор не би сакала да шпекулирам. Се разбира дека таа одлука ќе треба да помине и на Главниот координативен штаб и на Влада“, рече Царовска по посетата на Основното училиште „Дане Крапчев“ во скопската општина Гази Баба.

    Арифи вчера кажа дека со оглед на отежнатата епидемиолошка состојба во Тетово и Полог, бараат од Министерството за образование и наука (МОН), Кризниот штаб при Владата и Комисијата за заразни болести на три недели да го одложат почетокот на учебната година со физичко присуство за сите три нивоа на образование: основно, средно и високо. Апелираше и до другите општини во Полошкиот Регион да го поддржат ова барање.

    „Ова го бараме затоа што претставниците од Клиничката болница нѐ известија дека освен што има лица заразени со ковид-19 над 18-годишна возраст веќе има и точки во Општината каде има заболено и деца. Ние се движиме кон пикот и затоа треба сѐ да направиме овие три недели децата да останат надвор од овие движења и да спречиме можни инфекции и кај нив. Исто така, бараме целиот образовен персонал во основните и средните училишта во Општина Тетово да завршат со процесот на вакцинација до почетокот на учебната година. По овој рок ќе се бара секој невакциниран просветен работник на секои 72 часови да приложува доказ дека не е заразен, односно негативен тест кој ќе го прави на свој трошок. Ние, како локални авторитети ова и ќе го спроведеме“, изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи која е и раководителка на Кризниот штаб на Општината.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира