Владата на наредната седница која ќе се одржи во вторник, 9 јануари, ќе го разреши целото раководство на М-НАВ, соопшти вечерва Владата. По денешниот скандал, кога во зградата на М-НАВ упаднале членови на ДУИ од Чаир и физички нападнале дел од вработените во Контролата на летање, од Владата соопштија дека премиерот Димитар Ковачевски по консултации со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски побарал разрешување на директорите и членовите на Управниот одбор.
„Согласно состојбите во М-НАВ, на следната седница на Владата, закажана за вторник, 09.01.2024 година, за решение на постоечката ситуација ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки и тоа целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени. Да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес“, се вели во соопшението од Владата.
Ковачевски, како што велат од Владата, ќе го повика Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.
„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Ковачевски и Владата во своето работење се водат од врвниот интерес за безбедноста на македонското небо и функционирањето на патничкиот и воениот авиосообраќај“, додаваат од Владата.
Веднаш по денешната прес-конференција на претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски и по заминување на новинарите, во зградата на М-НАВ упаднале членови на ДУИ од Чаир кои по вербална расправија и закани кон контролорите на летање, заедно со еден вработен во институцијата, физички нападнале дел од нив.
Полицијата подоцна соопшти дека „денеска (04.01.2024) околу 15.15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б. Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П. Б., Е. К. и Б. Р. (лица вработени во институцијата)“.