ВЛАТКО ЃОРЧЕВ НЀ ШТИТЕШЕ КАКО СОПСТВЕНИТЕ ДЕЦА, ТОА ШТО МУ ГО ВИДОВ ВО ОЧИТЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗГЛУМИ, ГО ПРАВЕШЕ ОД СРЦЕ, СВЕДОЧЕШЕ ПРАТЕНИКОТ ЛОКВЕНЕЦ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    ВЛАТКО ЃОРЧЕВ НЀ ШТИТЕШЕ КАКО СОПСТВЕНИТЕ ДЕЦА, ТОА ШТО МУ ГО ВИДОВ ВО ОЧИТЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗГЛУМИ, ГО ПРАВЕШЕ ОД СРЦЕ, СВЕДОЧЕШЕ ПРАТЕНИКОТ ЛОКВЕНЕЦ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТОИмав чувство на гнев кон институциите на сопствената држава, рече пратеникот Хари Локвенец кој денеска последен сведочеше на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: К. Попов)

    Тој ден прв пат во животот имав чувство на беспомошност, знаев дека ништо не зависи од мене и пратениците и сме оставени на милост и немилост. Имав чувство на гнев кон институциите на сопствената држава, рече пратеникот Хари Локвенец кој денеска последен сведочеше на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

    Локвенец во моментот кога  влегла групата се наоѓал на левата страна во прес-центарот. Бидејќи, како што кажа, во првиот налет нападите на насилниците биле насочени кон Зоран Заев, Талат Џафери, Зијадин Села и останатите пратеници кои биле во десната страна на салата, тој успеал заедно со Артан Груби, Стефан Богоев и Агим Шаќири да излезе. Но во ходникот веднаш пред прес-центарот бил удрен во десното око, по што почнал да крвави и не можел да гледа ништо пред себе.

    „Успеавме да стигнеме по случаен избор во канцеларијата 339 на пратеникот Агим Шаќири. Со мебелот ја блокиравме вратата. Ова ви го кажаувам за да ви доловам какво чувство на страв имаше кај секого од наа. Дури после час и половина контакти на Артан Груби со полициски службеници успеаја да нè лоцираат, а после 45 минути не однесоа во канцеларијата на Влатко Ѓорчев каде беа другите пратеници. Влатко Ѓорчев беше тој кој се однесуваше кон нас како кон сопствените деца, обидувајќи се да нè заштити од сите опасности. Тоа што го видов во неговите очи не може да се изглуми, тоа го правеше од срце“, сведочеше Локвенец на денешното рочиште на судењето, во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.

    Локвенец кажа дека бил зачуден како напаѓачите со леснотија се снаоѓале низ Собранието кога тој, па и многу други пратеници, сè уште не можат да се снајдат низ лавиринтите на објектот.

    Со сведочењето на Локвенец заврши денешното рочиште. Денеска прв сведочеше пратеникот Енес Ибраим, па  тогашниот пратеник, а сега заменик-министер за образование Петар Атанасов, па Катерина Кузмановска. Следното рочиште е на 19 септември, кога како сведоци на Обвинителството се повикани Сашко Коцевски, Ферид Мухиќ, Курто Дудуш и новинарката Душица Мрѓа.

    А. АНТЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира