Поради влошувањето со пандемијата на ковид-19 во регионот, на македонските граѓани нема да им биде дозволен влез во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина без негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа, соопшти Владата.
„Владата на Република Северна Македонија ги известува граѓаните дека согласно влошувањето на состојбата со ковид-19 пандемијата во регионот и големиот број на нови позитивни случаи, влезот на македонски граѓани во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина нема да биде дозволен без приложување негативен ПЦР тест кој не е постар од 48 часа од моментот на влез во овие земји“, се вели во соопштението.
- НАСКОРО ВО ПРИШТИНА НА КАФЕ БЕЗ ПЦР-ТЕСТ, СЕ ПОФАЛИ НОВИОТ ЗАМЕНИК-МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО ИЛИР ХАСАНИ
Можноста за влез на македонски државјани во Косово без ПЦР тест останува, велат од Владата, но апелираат до граѓаните да не патуваат надвор од земјата доколку немаат неодложна потреба за тоа.
Новиот заменик министер за здравство Илир Хасани од ДУИ на 28 септември, само што ја презеде функцијата најави дека „наскоро ќе се оди на кафе во Приштина без ПЦР-тест.
Првиот вицепремиер Артан Груби на 10 септември, по средбата со министерот за здравство на Косово Арменд Земај во Скопје соопшти дека тој „лично е за отворање на сите гранични премини, заради слободното движење и истото да се спроведе според моделот што го користат Албанија и Косово, преку слободно движење без да се бараат ПЦР тестови“. Тој и вчера прво соопшти дека границите за македонските граѓани ќе бидат отворени без ПЦР тестови и за Србија и за Косово, по што Владата издаде соопшштение со дополнителни објаснување.
Вчера, министерот за здравство Венко Филипче кажа дека се водат разговори меѓу земјите од регионот за да се отворат границите без ПЦР тестови.
Истовремено, од Владата најавија дека заедно со здравствените власти во деновите кои следат ќе ја ревидираат одлуката за влез на државјани на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во Северна Македонија, без ПЦР-тест.