ВМРО-ДПМНЕ БАРА ВО АНТИКОРУПЦИСКА ДА ЧЛЕНУВААТ И БИВШИ ФУНКЦИОНЕРИ И ПАРТИСКИ ДОНАТОРИ, СПРОТИВНО НА ПРЕПОРАКИТЕ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

    ВМРО-ДПМНЕ БАРА ВО АНТИКОРУПЦИСКА ДА ЧЛЕНУВААТ И БИВШИ ФУНКЦИОНЕРИ И ПАРТИСКИ ДОНАТОРИ, СПРОТИВНО НА ПРЕПОРАКИТЕ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈАПоддршка во парламентот Дескоска очекува за Законот за судови, како и за Законот за прекршоци, со кои се намалуваат глобите за граѓаните. - Министерката за правда Рената Дескоска на денешниот брифинг (Фото: СДК.МК)

    ВМРО-ДПМНЕ, без чии пратенички гласови не може да се обезбеди двотретинско мнозинство за носење на Законот за борба против корупцијата, бара да се избрише критериумот член на Антикорупциската комисија да не смее да биде поранешен министер, пратеник, носител на партиска функција или донатор на партија во последните 10 години.

    Со амандман на предлог-законот, поднесен од Министерството за правда до Собранието, опозициската партија бара и да се избрише надлежноста на антикорупционерите да имаат директен увид во сметките на државните и на јавните функционери. Министерката за правда Рената Дескоска вели дека ВМРО-ДПМНЕ бара тоа да го правела УЈП, но вели дека нема да се согласи на такво нешто, бидејќи УЈП е орган на извршната власт, а Антикорупциската комисија е независна и апелира и овој амандман да биде повлечен.

    Натаму, со амандман ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската комисија да нема надлежност и контрола на финансирањето на политичките партии и бара тоа да го прави Државниот завод за ревизија. Дескоска вели не смее ни ова да се прифати, бидејќи ДЗР го следи сметководствениот аспект на работењето и правилата, но не и коруптивниот момент во финансирањето на политичките партии, што е болка и извор на корупција кај сите власти овие 27 години.

    „Апелирам до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да бидат свесни за значењето на Законот за борба против корупцијата и да се откажат од одредени барања што ги имаат, а кои би довеле до ослабување или до намалување на значењето, улогата и надлежностите на ДКСК. Нивното прифаќање не е во согласност со препораките на Европската комисија“, рече на денешниот брифинг со новинарите министерката за правда Рената Дескоска, која го презентираше целиот пакет реформски закони за владеење на правото, кој треба да се донесе овој и наредните месеци, а кој е правен под контрола и со одобрување на Европската комисија и Венецијанската комисија, а дел и со ОБСЕ.

    Најитен е законот за Антикорупциската комисија. Безрезервна поддршка во парламентот Дескоска очекува за Законот за судови, како и за Законот за прекршоци, со кои се намалуваат глобите за граѓаните. Готов е и Законот за управни спорови, со кој управните судии сега ќе мора да спроведуваат јавни судења на кои ќе повикуваат странки, ќе изведуваат докази во споровите на граѓаните што ги водат против државата, а не како досега, тие да им ги влечкаат тие спорови и по 17, па и 20 години.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари