МИЦКОСКИ БИЛ ИЗНЕНАДЕН ОД ОСТАВКАТА НА РАНГЕЛОВА, НА КОНКУРС ЌЕ БИРА НОВО РАКОВОДСТВО НА УНИЈАТА НА ЖЕНИ

    МИЦКОСКИ БИЛ ИЗНЕНАДЕН ОД ОСТАВКАТА НА РАНГЕЛОВА, НА КОНКУРС ЌЕ БИРА НОВО РАКОВОДСТВО НА УНИЈАТА НА ЖЕНИСпоред статутот на ВМРО-ДПМНЕ, до изборот на нова претседателка на Унијата на жени со неа раководи претседателката што е во оставка, но извори од партијата велат дека Рангелова веќе не сака да има никаква врска со раководството на партијата; - Мицкоски и Рангелова на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржа на 22-23 декември 2017 година во Валандово, кога Мицкоски беше избран за наследник на Никола Груевски (Фото: М. Златевска)

    ВМРО-ДПМНЕ ќе распише оглас за избор на ново раководство на Унијата на жени, по оставката на претседателката Даниела Рангелова. Оставки поднесоа и потпретседателката и генералната секретарка на Унијата, Лилјана Кузмановска и Лилјана Затуроска. Од партијата, пак, велат дека кога оставка поднесува претседателката, тогаш автоматски во оставка е и најтесното раководство на Унијата на жени.

    Според партискиот статут, до избор на нова претседателка на Унијата на жени, со неа раководи претседателот што е во оставка. Но, извори од партијата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека Рангелова не сака да има веќе никаква врска со раководството на партијата, па лидерот Христијан Мицкоски ќе мора веднаш да постави вршител на должноста до избор на нова претседателка.

    Според истите извори, оставката на Рангелова го изненадила Мицкоски, па тој сега во најкраток рок мора да распише конкурс за избор на нова претседателка. Засега нема имиња кој ќе ја наследи Рангелова.

    Претходно, досегашниот координатор на сите 10 пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието Драган Данев се повлече на свое барање и нема да биде координатор на евентуално формираната една пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Неофицијално, Данев го има изгубено трпението по последните случувања во партијата и преку глава му дошло од внатрепартиските интриги и подметнувања.

    Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со кои разговаравме велат дека сѐ уште е рано да се лицитира со имиња за наследник на Данев.

    ВМРО-ДПМНЕ минатата недела најави дека ќе формира една пратеничка група, бидејќи сегашните 10 не ги исполнуваат условите според собранискиот Деловник.

    Дознаваме дека на последната координацијата на пратениците со Мицкоски имало разногласие дали да се формира единствена пратеничка група или да се продолжи по старо да има повеќе пратенички групи, но пратениците сакале да се „отворат и многу побитни прашања“.

    Поради заминувањето на пратениците Амди Бајрам, Чедомир Саздовски и Јусуф Хасани во парламентарното мнозинство, исклучувањата на осуммината пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ поради гласањето за пристапување кон уставни измени, а кои формираа нова независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, како и заминувањето на пратеникот на ГРОМ Панчо Минов, 10-те пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ сега немаат по минимум 5 пратеници кои се потребни да се формира една пратеничка група.

    Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието од 51, сега има 39 пратеници.

    Според собранискиот Деловник, пратеничка група ја сочинуваат најмалку пет пратеници кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии. Пратеникот може да биде член само на една пратеничка група. За промената на составот на пратеничката група, на координаторот и на неговиот заменик, се известува претседателот на Собранието, кој за тоа ги известува останатите пратеници.

    ВМРО-ДПМНЕ на 6 јули 2017 година формираше 10 пратенички групи во Собранието. Тогаш беше маратонската расправа за менување на државниот јавен обвинител Марко Зврлески. Девет имаат по пет пратеници и една е со шест.

    Во најголемата пратеничка група координатор е Илија Димовски, а таму е пратеникот и почесен претседател на партијата Никола Груевски, кој до 8 ноември треба да се јави во затворот во Шутка на отслужување на двегодишната казна. На втората координатор е Антонијо Милошоски, на третата Зоран Илиоски, на четвртата Владанка Авировиќ, на петтата Даниела Рангелова, на шестата Панчо Минов, на седмата Димитар Стевананџија, на осмата Драган Данев, на деветтата Благица Ласовска и на десеттата Драган Цуклев. Секој координатор има двајца заменици.

    Пратеникот на ГРОМ Панчо Минов, кој е и координатор на шестата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, ја напушти поради разрешувањето на градоначалникот на Кавадарци и потпретседател на партијата Митко Јанчев и како што рече, сè додека лидер е Христијан Мицкоски, нема да делува заедно со ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата исклучени се и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира