ВО ГРАДИНКА И ВО УЧИЛИШТЕ НЕМА ДА СЕ ПРИМА НИТУ ЕДНО НЕВАКЦИНИРАНО ДЕТЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА НА ГРУПА РОДИТЕЛИ ВАКЦИНАЦИЈАТА ДА НЕ БИДЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНА

    ВО ГРАДИНКА И ВО УЧИЛИШТЕ НЕМА ДА СЕ ПРИМА НИТУ ЕДНО НЕВАКЦИНИРАНО ДЕТЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА НА ГРУПА РОДИТЕЛИ ВАКЦИНАЦИЈАТА ДА НЕ БИДЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНА„Волјата на родителот не може да биде посилна од правото на децата да бидат здрави. А притоа, не може една индивидуална постапка да го загрозува колективното здравје“, рече министерот за здравство Венко Филипче. (Фото: СДК.МК)

    Ниту едно дете нема да биде примено во градинка или училиште ако не е вакцинирано, кажа министерот за здравство Венко Филипче, откако група родители кои поднеле иницијатива до Собранието вакцинацијата да не биде задолжителна, денес реагираа дека по нивната иницијатива Парламентот не расправал, бидејќи немало кворум.

    „Неколку пати кажавме дека има важечка законска регулатива со која вакцинацијата е задолжителна. Точно е дека во Законот за основно образование има некои контрадикторности. Но, дозволете сега да коментирам дека нема да дозволиме ниту едно дете да биде примено во училиште или во градинка невакцинирано. Волјата на родителот не може да биде посилна од правото на децата да бидат здрави. А притоа, не може една индивидуална постапка да го загрозува колективното здравје“, рече Филипче.

    Одговарајќи на новинарско прашање дали со тоа се крати правото на децата на основно образование, тој кажа: „Не се крати никакво право, имајќи го предвид здравјето на децата“.

    Иницијативата до Собранието за промена на Законот за заштита на населението од заразни болести го поднесоа 129 родители, кои денес реагираа бидејќи собраниската Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ја одложи расправата по оваа единствена точка, бидејќи немаше кворум. Тие рекоа дека не се антиваксери, но бараат да се почитува волјата на родителот.

    Епидемијата на морбили која пред крајот на минатата година беше прогласена во Скопје, а потоа и во други градови низ земјата, според здравствените власти е резултат на намалениот опфат на вакцинирани деца со МРП вакцината токму поради антивакциналните кампањи. Од компликации од морбили досега починаа три деца.

    Министерот рече дека околу две третини од децата кои по стартот на епидемијата во Скопје беа невакцинирани, сега се вакцинирани со МРП, и дека трендот на вакцинација продолжува.

    „Близу две третини од невакцинираните деца се веќе вакцинирани, околу 11.000 од 15.000 во Скопје и околу 6.000 ширум земјата. Сѐ уште има тренд на вакцинирање на овие невакцинирни деца. Епидемијата сѐ уште трае и секојдневно има по уште шест до седум новозаболени лица“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира