Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар на идната Влада Христијан Мицкоски во своите говори нема да го употребува името Северна Македонија, а сите документи и закони ќе ги потпишува со уставното име. Тој денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека негово елементарно човеково право е да ја вика земјата Македонија, а сè што е содржано во Преспанскиот договор и е дел од нашиот правен систем и уставен поредок, идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува.
„Решенијата за пратеници ги добивме со придавката, и предлог-законот кој денес го поднесувам е со придавката вклучена во него. Но, мое лично право загарантирано со многу конвенции, е правото на слобода на изразување и говор. Јас не им се лутам на политичарите кога не го кажуваат целото име. За мене мојата татковина е Македонија и ќе остане Македонија. Целокупната институционална комуникација која е дел од Уставот и законите ќе биде почитувана сè додека тие закони се на сила. Но, во моите изјави името ќе биде Македонија“, рече Мицкоски на прес-конференцијата во Собранието по поднесување на предлог-закон за реорганизација на Владата односно формирање нови министерства.
Мицкоски кажа дека ако се отвори ова прашање на Самитот на НАТО ќе пренесе порака дека тој како премиер сака да гради мостови на пријателство со нашите соседи вклучувајќи го и нашиот јужен сосед.
„Не очекувам во 21 век талибанско однесување од било кој политичар. Можеме на кој било форум да отвориме дебата кој колку реализирал од Преспанскиот договор, иако не би сакал за тоа да збориме туку за инвестиции, за подобар стандард, развој и реформи“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА