ВО ЈАНУАРИ ИСПИТИ ЗА ДИРЕКТОРИТЕ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

    ВО ЈАНУАРИ ИСПИТИ ЗА ДИРЕКТОРИТЕ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВООбврската при избор на директор во јавните здравствени установи кандидатите покрај останатото да полагаат и менаџерски испит беше воведена во 2012 со измени на Законот за здравствена заштита.-Клинички центар во Скопје (Фото:СДК.МК)

    Министерството за здравство подготвува испити за директорите на јавните здравствени установи, што е услов според Законот за здравствена заштита за да можат да конкурираат на огласите за директори.

    „Прашањата за испитите се подготвени, одобрени се од ревизионата комисија и во јануари ќе го објавиме огласот за испити заедно со прашањата“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

    Според законските одредби, директорите на клиниките треба да имаат положено менаџерски испит, кој се состои од теоретски и практичен дел. Теоретскиот или првиот дел од тестот се полага електронски, под надзор на посебна комисија, во просторија во која се блокирани електронските сигнали, бидејќи не е дозволено да користат интернет, телефон или други средства за комуникација со надворешната средина.

    Подготовка на кандидатите за менаџерскиот испит прави Министерството за здравство, а оние што ќе го положат испитот потоа ќе може да се јават на конкурсите за директори што управниот одбор на секоја здравствена институција ќе го распише.

    Обврската при избор на директор во јавните здравствени установи кандидатите покрај останатото да полагаат и менаџерски испит беше воведена во 2012 со измени на Законот за здравствена заштита. Оттогаш досега ваков конкурс беше распишан само еднаш. Претходно и потоа директорите беа именувани за вршители на должност.

    Државниот завод за ревизија постојано дава забелешки за несполнување на овој дел од Законот за здравствена заштита во ревизорските извештаи за работа на јавните здравствени установи.

    Лани во јуни при превземање на власта, од Министерството за здравство кажаа дека од 114 здравствени установи само 13 имаат именувани директори, а останатите се вршители на должност.

    Во меѓувреме во 4 града беа споени здравствените домови со општите болници, односно во Кочани, Гевгелија, Дебар и Кавадарци, за рационализација на трошоците за управни одбори и директори, со што останаа 110 јавни здравствени установи.

    Дел од сегашните директори како вршители на должност беа именувани лани летото, дел на почетокот на годината и неколку пати им беа продолжувани решенијата, кои се со важност од 6 месеци.

    Во септември кога на дел од директорите им истекоа решенијата за вршители на должност, а потоа им беа обновени, министерот Филипче рече дека досега не спровеле менаџерски испит, бидејќи требало да ги променат испитните комисии формирани пред повеќе години и да подготват нови прашања за директори.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари