Вакцината на „АстраЗенека“ во Македонија ќе дојде во март и тоа ќе биде првата првата количина испорачана преку КОВАКС системот, соопшти Министерство за здравство. Според информациите од КОВАКС, за земјава се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.
Министерството вели дека од КОВАКС ги информирале оти во првиот бран на достава на вакцината на „Фајзер-Бионтек“ се вклучени само 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против ковид-19. Во идните фази на дистрибуција дози на „Фајзер“ вакцината може да бидат вклучени и другите учесници во механизмот.
Министерството за здравство вели дека системот е целосно подготвен да ги прими количините на вакцините преку КОВАКС механизмот, но истовремено обезбедува вакцини од други производители и преку други механизми, кои Македонија треба да ги добие.
За вакцинирањето земјава има развиена безбедена и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.
„За вакцините за кои што е потребно одржување на стандарден ладен ланец од 2°С до 8°С се користи постојниот логистички систем. За вакцините кои имаат посебен температурен режим на прием, складирање и транспорт на температура пониска од -70°С или -20°С се надогради постојната мрежа со обезбедување на соодветни ладилници. Системот за вакцинација е целосно подготвен“, вели Министерството.
Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против ковид-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
На 28 јануари, Владата го задолжи Министерството за здравство да спроведе постапка за набавка на 200.000 единечни дози вакцина од Кина. Станува збор за нова набавка на дополнителни количини покрај оние од КОВАКС механизмот од 833.000 дози на вакцина за кои Министерството за здравство изврши уплата на авансот и ја обезбеди финансиската гаранција, со што ги исполни финансиските обврски што произлегуваа по основ на склучениот Договор, соопшти Владата.
Од Владата велат и дека Министерството за здравство е во завршна фаза од директните разговори со производителот „Фајзер“ за набавка на уште 800.000 единечни дози за сукцесивна испорака на договорените количини во наредните месеци од кои првите во февруари.