Да се открие лицата фатени во криминал и особено во нелегални тендери како се стекнале со толкав имот, како изградиле или купиле куќи и станови, скапи коли, јахти, од кај имаат пари за скапи одмори, да школуваат деца во странство, да основаат компании, да градат или купуваат хотели, плацеви, бензински, бара Европската комисија (ЕК) од нашите обвинители за да бидат истрагите целосни.
Праксата на нашите обвинители е да бараат одземање само нелегални средства (дрога, коли, механизација, камиони, пиштоли, муниција, храна и друга стока и суровини) што ги фатиле при извршување на кривичните дела, но не и куќи, станови, плацеви, хотели, фирми, компании, бензински пумпи, скапи возила, заштеда во банки, заработени со криминал. Тој имот никогаш не се истражува како е заработен и на осомничените им се остава, не им се замрзнува.
САКАМДАКАЖАМ.МК побара податоци од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија колку и какви средства од нелегални приходи биле лоцирани и замрзнати во истрагите последниве години и колку од нив се конфискувани со пресуди од страна на судот. ЕК забележува дека таа суштинска поента воопшто ја нема во борбата со справување со криминалот, односно постои незначително.
Замрзнат и конфискуван имот, според статистиката, има колку-толку во предметите на поранешното Специјално обвинителство кои дел се завршени, поголемиот дел се при крај со истрагите или судењата. Вкупно замрзнат или конфискуван имот во овие предмети има во вредност од околу 38 милиони евра.
Предмет „Труст“
Со правосилна пресуда од 20.07.2018 година се конфискува имотната корист прибавена со извршување на кривичното дело во износ од 1.060.000.000,00 денари (околу 17.292.000 евра). Според јавно објавените информации, пресудата е потврдена со одлука на Врховен суд, но се уште не е примена. Во текот на истражната постапка, по предлог на СЈО, имотот е обезбеден со Решение на судија на претходна постапка од 31.05.2017 година со кое е определена привремена мерка забрана на отуѓување и располагање со ставање хипотека врз недвижен имот во вредност на прибавената имотна корист односно во вредност од 1.060.000.000,00 денари.
Предмет „Триста“
Со пресуда од 22.10.2019 година на Основниот кривичен суд Скопје обвинетиот Ѓоко Поповски е огласен за виновен. Изречена казна затвор во траење од девет години и е задолжен и да ја надомести штетата на оштетениот МВР во износ од 27.894.522 денари. Основниот суд Скопје 1 Скопје има донесено решение од 21.07.2017 г. (кое е правосилно) со кое во согласност со чл.118 од ЗКП има определено привремена мерка за обезбедување на имотно-правно побарување, така што му е забрането на обвинетиот да го отуѓува и оптоварува подвижниот и недвижниот имот што го има во негова сопственост. Проценета вредност на подвижниот имот е 1.848.459 денари, а на недвижниот имот е 8.275.531 или вкупно проценетата вредност на неговиот имот е 165.155 илјади евра. Пресудата не е правосилна, во тек е жалбена постапка пред Апелациониот суд Скопје.
Јавното обвинителство на РСМ испрати побара од обвинителите и испрати до редакцијата детални податоци и за состојбата со замрзнат имот на обвинети лица, чии предмети се во фаза на судење.
Предмет „Талир“ и „Талир 1“
За предметите „Талир“ и „Талир 1“, за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со перење пари и за незаконската изградба на седиштето на партијата, кои се во фаза на главна расправа, се водеше заедничка истрага отворена на 22.05.2017 година. Во рамки на истрагата, врз основа на барање на СЈО за определување на привремени мерки за обезбедување на предмети и имот, од страна на судија на претходна постапка донесени се две решенија за обезбедување на имот и тоа Решение од 31.10.2018 година, со кое е обезбеден недвижен имот во вкупна вредност од 3.546.494 милиони евра и Решение од 31.10.2018 година со кое е обезбеден недвижен имот во вкупна вредност од 6.928.764 милиони евра.
Предмет „Трезор“
Во текот на истражната постапка, за случајот со нелегалната набавка на прислушна опрема од Британија од страна на раководството на УБК, по предлог на СЈО, согласно чл.200 ст.7 од ЗКП, со Решение од 06.10.2016 година на Судијата за претходна постапка на Основен суд Скопје 1 Скопје, се наложува да се запре извршувањето на финансиските трансакции на правното лице ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје и тоа на денарската банкарска сметка на износ од 13.300 евра и на девизната банкарска сметка за износ од 145.619,00 евра. По поднесеното обвинение, по барање на СЈО, со Решение од 01.06.2018 година на Основен кривичен суд Скопје, согласно чл.202 од ЗКП е определена Привремена мерка – привремено одземање на имот или предмети заради обезбедување што се состои во забрана на отуѓување на движен имот на истото правно лице – едно патничко моторно возило марка Ауди А4.
Предмет „Друмарина“
Во текот на истражната постапка, по барање на СЈО, согласно чл.202 од ЗКП, донесено е Решение за привремена мерка од 07.03.2018 година на Судијата за претходна постапка на Основен суд Скопје 1 Скопје, со кое е определа привремена мерка забрана за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот во вкупна вредност од 97,5 илјади евра на обвинетата пратеничка која повеќе години мамела со сметки за патарина, наплаќајќи средства од буџетот на граѓаните, како вистински да патувала секој ден од родниот град до Скопје, и назад.
Во деталниот одговор, Обвинителството испрати и податоци за три истраги за перење пари, „Империја“, „Актор“ и „Поштенска банка“ (за последната пред неколку дена е поднесено обвинение).
Предмет „Империја“
Во текот на истражната постапка, по барање на СЈО, согласно чл.202 од ЗКП, со Решение од 11.11.2018 година се определува привремена мерка – одземање имот заради обезбедување и се забранува на едно правно лице да ги отуѓува и да располага со уделите кои ги поседува во повеќе фирми и компании, во вредност од 4.500.000 евра. Со Решение од 11.11.2018 година се определува привремена мерка – одземање имот заради Обезбедување, со кое се забранува на уште едно правно лице да го отуѓува и да располага со уделот кој го поседува како основачки влог во друго правно лице во недвижности, во вредност од 4.500.000 евра.
Покрај овие замрзнати 9 милиони евра, обвинителката со Решение од 11.11.2018 година им наложила на пет банки привремено да го запрат одливот на парични средства од банкарските сметки на едно правно лице и со друго Решение со истиот датум, им наложила на две банки привремено да го запрат одливот на парични средства од банкарските сметки на друго правно лице.
Предмет „Поштенска банка“
Со Решение од 01.11.2018 година на судија на претходна постапка, по барање на СЈО, определени се привремени мерки за обезбедување имот од осомничен, сега обвинет и од правно лице (како поврзано правно лице), во вредност од 1.099.500 евра. Со Решение од 01.11.2018 година на судија на претходна постапка, по барање на СЈО определени се привремени мерки за обезбедување имот од осомничено физичко лице Томе Главчев, од осомничено правно лице, како и од уште три правни лица како поврзани правни лица. Проценетата вредност на имотот изнесува вкупно 3.210.000 евра.
Предмет „Актор“
Во текот на истражната постапка, по предлог на СЈО, со решение од 30.04.2018 година се наложува привремено запирање на извршување на финансиски трансакции-одливи на парични средства од неколку банкарски сметки на правно лице во вкупен износ од 757.000 евра, како и привремена мерка – забрана за отуѓување на движен имот во вредност од 107.000 евра.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески сумираше податоци и за останатите случаи што ги воделе во текот на минатата година Обвинителството за организиран криминал и другите обвинителства во државата, во однос на тоа што одземале обвинителите и дали замрзнувале движен и недвижен имот, стекнат од криминалот што го фатиле.
Во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по поднесени обвиненија за 2019 година, согласно законските одредби, со пресуди се одземени предмети со кои е извршено кривичното дело или произлегуваат од него. За кривично дело Перење пари и други приноси, од три лица се одземени 3.641.517 евра, 39 автомати, 32 апарати за игри, 27 покер апарати, 4 рулети, 1 мотор-скутер, 1 лаптоп, 1 компјутер, 2 надворешни мемории.
За кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на дрога, од 19 лица биле одземени 49 мобилни телефони, 9 патнички моторни возила, 2 товарни моторни возила, 18.863 грама марихуана, 2 револвери, 1 лаптоп, 144.220 денари, 560 долари, 2.000 леки, 30 швајцарски франци, 30 турски лири и 27.575 евра.
За кривично дело Примање награда за противзаконито влијание, од едно лице се одземени 5 мобилни телефони, 1 таблет, еден лаптоп и 2 часовника. Со пресуда од 29 лица за кривично дело Криумчарење на мигранти од 52 лица одземени се 44 патнички моторни возила, 14 товарни моторни возила, 52 мобилни телефони и 1.390 евра. Од 6 лица за истото дело по друг став, од 2 лица одземени се едно патничко возило, еден лаптоп, еден таблет и 6 мобилни телефони.
Од 2 лица за кривично дело Злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската унија и на Шенгенскиот договор од чл.418-д од КЗ од 1 лице одземени се едно патничко моторно возило и еден мобилен телефон.
Во извештајната година на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола биле донесени одлуки со кои се одземени предмети кои биле предмет на извршување на кривично дело или настанале од извршување на кривично дело, во вкупно 141 предмет, како од страна на судот, така и од страна на јавните обвинителства, согласно чл.529 од ЗКП. Најголем број на предмети потекнуваат од извршување на кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, од Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, потоа од кривичното дело Тешка кражба, Кражба и други кривични дела. Меѓу одземените предмети има наркотична дрога, патнички моторни возила, товарно моторно возило, моторни пили, алати, оружје – пушки и пиштоли, муниција, експлозивни материи, компјутери, мобилни телефони, златен накит, недвижности, бесправно изградени објекти, парични средства и друго. Во извештајната година на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола не се донесени пресуди со кои е конфискуван имот.
На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар во текот на 2019 година врз основа на склучени предлог спогодби одземени се предмети од 5 лица и тоа за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на дроги, од 4 лица одземена е 1.835,08 грама марихуана, 13.29 грама кокаин, 12,56 грама хероин, 4 дигитални ваги, 2 дробилици, 1 возило и 0,33 грама ризла.
За работење спротивно на Законот за игрите на среќа и забавните игри, од едно лице одземени се 5.890 денари, 9 монитори, 4 принтери, 5 тастатури, 2 куќишта за компјутер, 3 баркод читачи, 3 телевизори.
Со пресуди на основните судови одземени се предмети од вкупно 108 лица за кривични дела – Кражба, Фалсификување исправа, Незаконит лов, Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, Криумчарење и други кривични дела, при што се одземени патнички моторни возила, мобилни телефони, парични средства, наркотични дроги, оружје, муниција и друго.
Ништо не е подобра состојбата ни на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Штип. Таму обвинители носеле одлуки со кои се одземени предмети кои биле предмет на извршување на кривично дело или настанале од извршување на кривично дело, во повеќе предмети од страна на судовите на ова подрачје.
Најголем број на предмети потекнуваат од извршување на кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, од Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, Тешка кражба, Кражба, Незаконит лов, Фалсификување исправа и други кривични дела. Меѓу одземените предмети има наркотична дрога, патнички моторни возила, товарно моторно возило, моторни пили, алати, оружје – пушки и пиштоли, муниција, експлозивни материи, пиротехнички материјали, бронзени монети, компјутери, мобилни телефони, златен накит, недвижности, бесправно изградени објекти, парични средства и друго, главно стекнато при вршење на делата.
Во Вишо јавно обвинителство Штип мерка конфискација е изречена вкупно против 7 лица, но дрвокрадци, кои спаѓаат во т.н. обични смртници, за разлика од крупните криминалци кои се или политичари, или се бизнисмени заштитени од политиката и на кои ништо не им се конфискува.
Со пресуда на Основниот суд Берово по предлог на ОЈО Берово изречени се конфискации спрема 6 лица и тоа на патничко моторно возило, лесна приколка, 72.530 денари и дрвна маса од нелегална сеча. Со пресуда на Основниот суд Струмица, пак, изречена е конфискација кон едно лице, при што се конфискувани 6.755 евра.
С. К. ДЕЛЕВСКА