ВО УКРАИНА ИМА СТОТИНА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ, ДВАЈЦАТА ДИПЛОМАТИ ЗАСЕГА НЕ ГИ ПОВЛЕКУВАМЕ, РЕЧЕ ОСМАНИ

    ВО УКРАИНА ИМА СТОТИНА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ, ДВАЈЦАТА ДИПЛОМАТИ ЗАСЕГА НЕ ГИ ПОВЛЕКУВАМЕ, РЕЧЕ ОСМАНИНаправен е договор со земја сојузник за итно повлекување на дипломатите и набљудувачите во мисијата на ОБСЕ ако има проблем; - Од протестите против руска инвазија во Киев. (Фото: АП)

    Во Украина во моментов има околу стотина македонски државјани. Како што кажа на денешниот брифинг со новинари министерот за надворешни работи Бујар Османи, за дел од нив е дадена препорака да се вратат во земјава. Дипломатите и претставниците на набљудувачката мисија на ОБСЕ од Македонија засега ќе останат во Украина.

    „Ги мапиравме нашите дравјани во Украина во неколку категории. Првата се нашите дипломати во македонската амбасада. Тоа е амбасадорот и уште еден дипломат за кои немаме одлука за повлекување и засега ќе останат во Украина, но имаме направено договор со земја сојузник доколку се појави проблем за итно повлекување. Во Украина имаме и 30 набљудувачи во мисијата на ОБСЕ и за нив нема одлука за повлекување со оглед дека досега само САД ги повлече набљудувачите“, кажа Османи.

    Околу 40 државјани на Македонија се поради работи или други причини во Украина и за нив е дадена  препораката да ја напуштат земјата. Тие можат да ја контактираат амбасадата во Киев, за да достават свои податоци, а може да се обратат и во Министерството за надворешни работи (МНР) на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и е-пошта: [email protected].

    Од Министерство за надворешни работи) во петокот апелираа до сите македонски државјани кои во претстојниот период планирале посета на Украина да избегнуваат патувања во земјата, а сите наши државјани кои сега се во Украина ако имаат можност во најскоро време да ја напуштат земјата.

    Претседателите на САД и Русија Џо Бајден и Владимир Путин вчера разговараа по телефон еден час, додека Западот стравува дека руска инвазија на Украина може да почне во секој момент. Путин претходно се слушна и со Емануел Макрон. Бајден го предупредил Путин дека Русија ќе се соочи со брзи и тешки последици ако ја нападне Украина. Путин му рекол на Џо Бајден дека ќе ги анализира неговите идеи што му ги изнесол во вчерашниот телефонски разговор, но тие и натаму не ги решаваат клучните безбедносни грижи на Русија, соопшти Кремљ.

    Во меѓувреме, државите ги повикуваат своите граѓани да ја напуштат Украина.

    Двајцата претседатели разговараа еден ден откако советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливен, предупреди дека американските разузнавачки податоци велат оти руската инвазија на Украина може да почне наредниве денови, уште пред да заврши Олимпијадата во Пекинг на 20 февруари.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира