ВОЗАЧИ, ПОЖАРНИКАРИ, СУДИИ И ВОСПИТУВАЧКИ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ КОВИД-19 ОД ПОНЕДЕЛНИК

    ВОЗАЧИ, ПОЖАРНИКАРИ, СУДИИ И ВОСПИТУВАЧКИ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ КОВИД-19 ОД ПОНЕДЕЛНИКСо оваа одлука ќе се заштитат оние вработени кои имаат најмногу контакти и се во голем ризик, вели Министерството за здравство. (Фото: СДК.МК)

    Четири илјади вакцини од пратката од 24.000 дози од „АстраЗенека“ од почетокот на следната недела ќе се употребат за вакцинација на критичната државна инфраструктура во земјава, одлучи Национална техничка група за имунизација против ковид-19.

    Министерството за здравство вели дека во критична инфраструктура влегуваат следните групи: вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР), кои се најизложени на ризик а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП „Скопје“, пожарникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините.

    „Со оваа одлука техничката група за имунизација смета дека ќе се заштитат оние вработени кои имаат најмногу контакти и се во голем ризик. Сите останати групи согласно степенот на ризик ќе бидат вакцинирани во следните фази и апелираме за трпение и разбирање“, вели Министерството.

    Масовната имунизација против ковид-19 почнува утре во здравствените домови низ земјава, со граѓани над 75 години. Тие треба да бидат повикани од матичните лекари, кои ќе им кажат термин и локација.

    Досега во земјава се вакцинирани 7.005 лица, односно, здравствени работници од Ковид-центрите. Министерството сѐ уште нема податоци колку македонски граѓани се вакцинираа во Србија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира