ВРХОВЕН СУД МУ ГО УКИНА КУЌНИОТ ПРИТВОР НА МИЈАЛКОВ ЗА „ИМПЕРИЈА“

    ВРХОВЕН СУД МУ ГО УКИНА КУЌНИОТ ПРИТВОР НА МИЈАЛКОВ ЗА „ИМПЕРИЈА“Ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков на изрекување на пресудата за случајот „Титаник 2“ во Основниот суд Скопје 1 на 8 март. (Фото: К. Попов)

    Врховниот суд денеска донесе одлука да ја прифати жалбата на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, осомничен во истрагата на СЈО „Империја“, и да ја укине мерката куќен притвор, изречена со решение на Апелациониот суд на 28 февруари.

    „Решението е донесено согласно начелното правно мислење утврдено на Општа седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија одржана на 30.01.2019 година, а бидејќи мерката куќен притвор спрема обвинетиот С.М. е определена по барање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кое нема својство на овластен тужител во оваа постапка“, соопшти Врховниот суд.

    Според начелното правно мислење на Врховниот суд од 30 јануари, СЈО не е овластен тужител во истраги, за кои до 30 јуни 2017 не е покренато обвинение.

    Апелациониот суд Скопје вчера ја уважи жалбата на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, неправосилно осуден на три години затвор во случајот „Титаник 2“ на СЈО, и му го замени притворот во затворот во Шутка со куќен притвор, но најдолго 60 дена, сметано од 8 март, кога беше објавена пресудата и потоа веднаш беше спроведен во притвор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира