Второрангираната фирма на тендерт на ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, понудила само еден денар повеќе oд „Транс Мет Доо“. На тендерот „Транс Мет“, чиј поранешен сопственик е Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, понудилa 44 денари за гига џул, а второрангираната фирма 45 денари. Со тоа се оневозможува второпласиранта фирма да поднеле жалба поради разлика во понудените цени.
Кочан, е осомничен во случајот на СЈО дека со местење на тендери токму за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола го злоупотребил државниот буџет за 17 милони евра.
„Опцијата второпласираниот да побара поништување на тендерот ако крајната сума е за 20 отсто пониска од неговата во случајов не е можна, бидејќи второпласираната фирма е многу блиску со сумата и разликата е под 20 проценти. Најниската цена е 44 а највисоката понудена 95 денари. Учесници на тендерот се ‘Транс Мет’, ‘Пелистер’, ‘Гранит’, ‘Марковски компани’ и ‘Мис комерц’“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од државната компанија ЕЛЕМ.
Од таму додаваат дека ќе ги преземат сите потребни мерки со цел да добијат писмени гаранции и потврди од фирмата со која ќе склучат договор, а во овој случај според понудената цена најдобра понуда има „Транс Мет“, дека ќе ја изврши работата по понудената цена.
„Правното лице ќе треба да достави банкарската гаранција од 5 отсто од вкупната сума на тендерот, што во овој случај би изнесувала 300 илјади евра. Тоа значи дека доколку надзорот од страна на контролните служби во РЕК Битол и ЕЛЕМ покажат дека изведувачот во одреден момент не се придржува до договорот и отстапува од него во однос на очекуваните обврски кои треба да ги изврши, законот предвидува на тоа правно лице да му се прекине договорот и да му се задржи сумата од банкарската гаранција, а Бирото за јавни набавки ќе му забрани да учествува на државни тендери во рок од една година“, велат од ЕЛЕМ.
Поранешниот сопственик на Трансмет Сеад Кочан ја напушти земјата и речиси два месеци не беше достапен за органите на истрагата, откако на 9 март Кривичниот суд му одреди 30 дена притвор. Се врати во државата откако на 14 мај Врховниот суд му ја укина мерката притвор и беше повлечена потерницата издадена за него. На повторното одлучување за притвор, тој даде гаранција од околу 900 илјади евра и го предаде пасошот за да се брани од слобода.
АД ЕЛЕМ утрово соопшти дека „во однос на интересот на јавноста за фактот дека на аукцијата учествувала и на поддавањето најприфатлива цена дала фирмата ‘Транс Мет ДОО’ Скопје, чиј претходен управител е под кривичен прогон токму за тендер за РЕК Битола, нема можност да го исклучи од понатамошно учество тоа правно лице, иако структурата на сопственост е променета. АД ЕЛЕМ побара од наведеното лице и доказ дека неговата сметка не е блокирана, по што писмено беше известен дека сметката на компанијата не е блокирана, што на истата и дава законска можност да учествува на било кој државен тендер“.
ЕЛЕМ вели дека со сега постигнатата цена, предвидената услуга – ископ на јаглен и јаловина, од страна на „Транс Мет“ би требало да биде извршена за приближно 6 милиони евра. За истата, претходното раководство на ЕЛЕМ имаше предвидено буџет од 13 милиони евра, што значи дека, доколку конечната одлука го потврди овој избор, ќе бидат заштедени 7 милиони евра.
Во законски предвидениот рок ЕЛЕМ најави дека ќе изврши проверка на целата постапка и во текот на следната недела ќе ја соопшти конечната одлука за тоа која фирма го доби тендерот за ископ на јаглен и јаловина.
А. АНТЕВСКА