ЗА 8 МЕСЕЦИ ПРАТЕНИЦИТЕ ЗАВРШИЈА САМО 8 СЕДНИЦИ НА КОИ СЕ ГЛАСАА ЗАКОНИ, А ЗЕМАА НАД МИЛИОН ЕВРА ЗА ПЛАТИ И ПАТНИ ТРОШОЦИ

ЗА 8 МЕСЕЦИ ПРАТЕНИЦИТЕ ЗАВРШИЈА САМО 8 СЕДНИЦИ НА КОИ СЕ ГЛАСАА ЗАКОНИ, А ЗЕМАА НАД МИЛИОН ЕВРА ЗА ПЛАТИ И ПАТНИ ТРОШОЦИРедок момент со кворум во пленарната сала на Собранието. (Фото: К. Попов)

Од август минатата година, кога се конституираше Собранието по парламентарните избори на 15 јули, пратениците почнаа 39 седници, но завршија само 19 од нив. И од тие 19 завршени седници, само 8 беа со предложени закони на дневниот ред. 20 седници стојат незавршени, меѓу нив и 36. седница, на која на дневен ред чекаат трите предлог-закони од петтиот пакет економски мерки за ублажување на последиците од пандемијата на ковид-19.

Во тие 19 завршени седници се и првата, конститутивната седница, на која само се верификуваа пратеничките мандати и се избра претседател на Собранието, потоа втората седница, на која само се одлучуваше за бројот на потпретседатели на Собранието. На 10. седница се бираше влада, на 11. седница се бираа претседатели и членови на собраниските комисии и на 13. седница се бираа заменици министри. На 14. седница имаше обраќање словенечкиот претседател Борут Пахор, додека 23. седница беше за редовното годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски. На 31. седница се бираа членови на Државната изборна комисија. Досега имаше и три седници за пратенички прашања.

Работеле-не работеле, пратениците секој месец земаат просечно по 1.100 евра, или за 8 месеци вкупно милион евра за пратенички плати. За патни трошоци, заклучно со јануари, на 75 од вкупно 120 пратеници им се исплатени 122 илјади евра.

Последен пат пратениците се состанаа завчера, кога не успеаја да ја завршат 32. седница, која е почната пред три месеци, поради немање кворум за гласање. Цел ден претседателот на Собранието Талат Џафери се убедуваше со опозициските пратеници да влезат во пленарната сала и да гласаат за точките од дневниот ред на 32. седница. Џафери инсистираше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да присуствуваат на 32. седница, додека координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски бараше од него да ја прекине 32. седница и да ја почне 36. седница, а неговите сопартијци чекаа надвор.

Главниот аргумент на Џафери беше дека кога веќе пратениците се потпишале дека се присутни во Собранието и врз основа на тоа остваруваат права како патни трошоци, тие се должни да учествуваат во работата на Собранието, а не да чекаат пред врата и да бираат на која седница ќе присуствуваат. Мицевски повтори дека немаат намера да му прават кворум на мнозинството, освен за гласање на мерките за помош на економијата. Во моментов, тројца пратеници од мнозинството, кое брои 62 пратеника, се во изолација, бидејќи се позитивни на коронавирус.

Претходно, Собранието беше блокирано и поради илјадниците амандмани кои меѓусебно си ги поднесуваа македонската и албанската опозиција. Македонската опозиција поднесе амандмани на предлогот на албанската опозиција за измени на Законот за државјанство, според кои македонско државјанство ќе може да се добие со изјава од тројца сведоци. Против таквиот предлог беше и владејачката СДСМ. Албанската опозиција поради неприфаќањето на овој нивен предлог поднесуваше илјадници амандмани на сите предложени закони, вклучувајќи ги и предложените закони од петтиот пакет економски мерки.

По средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алијанса и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши во понеделникот во Собранието, за Законот за државјанство, по која и двете страни кажаа дека се блиску до договор, илјадниците амандмани беа повлечени во средата.

Претходно, на 29 март, во Клубот на пратеници се сретнаа Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по што и двајцата изјавија дека се договориле да се одблокира работата на Собранието.

36. седница за петтиот пакет економски мерки засега не е закажана. Закажана е единствено 39. седница, за в среда.

М. ИЛИОСКИ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира