ЗА 9 МЕСЕЦИ ДЕПОРТИРАНИ 891 МАКЕДОНЦИ КОИ БАРАЛЕ АЗИЛ, ГЕРМАНИЈА НУДИ ПАРИ ЗА ДОБРОВОЛЦИ

    ЗА 9 МЕСЕЦИ ДЕПОРТИРАНИ 891 МАКЕДОНЦИ КОИ БАРАЛЕ АЗИЛ, ГЕРМАНИЈА НУДИ ПАРИ ЗА ДОБРОВОЛЦИМинатиот четврток на Меѓународниот аеродрoм Скопје, со чартер лет од Берлин, беа вратени во Македонија стотина лица.-Авионот со кој беа депортирани македонските државјани од Германија.(Фото: СДК.МК)

    Од јануари до септември оваа година, во земјава се депортирани 891 македонски државјани кои барале азил во странска земја.

    Според податоците од Министерството за внатрешни работи, најголем број лица се вратени од Германија, а азил во помал број македонски државјани барале и во Исланд, Швадска, Франција, Швајцарија, Белгија и Норвешка.

    „Поради одбиено барање за азил најголем број македонски државјани се вратени од Германија – 823 лица, потоа од Исланд – 19 лица, од Шведска – 11 лица, по осум лица од Франција и Швајцарија, по шест лица од Белгија и Норвешка и во мал број од други земји“, велат од Министерството за внатрешни работи.

    Од Германија лица кои барале азил со чартер летови се враќаат во земјава. Од другите земји поради помалиот број на македонски државјани кои побарале и им било одбиено барањето за азил, се враќаат со редовни авионски линии. Во четвртокот минатата недела на Меѓународниот аеродрoм Скопје, со чартер лет од Берлин Германија, беа вратени во Македонија стотина лица.

    Постери со напис „Твојата земја, твоја иднина“, се појавија низ градовите во Германија, напишани на англиски, француски, арапски и руски јазик, како дел од кампањата за доброволно враќање на азилантите во земјите од каде што дошле.(Фото: Евроњус)

    Министерството за внатрешни работи на Германија минатиот месец почна кампања, во која на азилантите им нудат парична помош доколку доброволно се вратат во земјите од каде дошле. Постери со напис „Твојата земја, твоја иднина“, се појавија низ градовите во Германија, напишани на англиски, француски, арапски и руски јазик.

    Азилантите кои до 31 декември ќе поднесат барање за враќање дома, ќе добијат парична помош за изнајмување на стан или реновирање на постојните домови од 3.000 евра ако станува збор за семејство односно 1.000 евра  за едно лице.

    Од Министерството за внатрешни работи на Германија за „Евроњус“ изјавија дека плакатите се дел од кампањата „Враќање од Германија“, со која се надеваат дека ќе се зголеми бројот на азиланти кои доброволно ќе си заминат во нивната земја на потекло.

    Околу милион луѓе бегајќи од Блискиот Исток и Африка во 2016 година пристигнаа во Гермнија, а беа регистрирани 700.000 барања за азил. Иако оваа година во Германија за 70 отсто е намален бројот на лица кои влегле во земјата, сепак околу 200.000 луѓе поднеле барање за азил, што е една третина од сите апликации во земјите на Европската унија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира