ЗА АКМИС СИСТЕМИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВОТО СОСЛУШУВА СВЕДОЦИ, СЕ ПРОВЕРУВА КОЈ ГИ МЕСТЕЛ РАСПОРЕДИТЕ ЗА ОДРЕДЕНИ ПРЕДМЕТИ

    ЗА АКМИС СИСТЕМИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВОТО СОСЛУШУВА СВЕДОЦИ, СЕ ПРОВЕРУВА КОЈ ГИ МЕСТЕЛ РАСПОРЕДИТЕ ЗА ОДРЕДЕНИ ПРЕДМЕТИВо предистражната постапка која е почната од први февруари, во обвинителството досега не се повикани поранешните претседатели на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски и Татјана Михајлова, за чиј мандат според експертската група од Министерството за правда биле најдени манипулации во АКМИС системот. Нема се уште да се повикуваат ни претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, ниту неговата претходничка Лидија Неделкова, првин ќе се сослушува сведок од Врховен. - Јово Вангеловски; Љубомир Јовески (Фото: СДК.МК)

    Обвинители од Скопското јавно обвинителство за неправилности во Основниот суд Скопје 1 при распределбата на предмети кај судии, како сведоци ги сослушале вработените од ИТ одделот и од судската администрација кои имале допир и информации за движењето на одредени предмети. Како што потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК државниот обвинител Љупчо Јовески, сослушани се и претставници од Апелациониот суд Скопје. Повикано е, но уште не дошло одговорното лице за АКМИС-от во Врховниот суд.

    Во предистражната постапка која е почната од први февруари, во обвинителството досега не се повикани поранешните претседатели на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски и Татјана Михајлова, за чиј мандат според експертската група од Министерството за правда биле најдени манипулации во АКМИС системот. Нема сè уште да се повикуваат ни претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, ниту неговата претходничка Лидија Неделкова. Продолжува сослушувањето на сведоците вработени во трите суда, ни одговори Јовески.

    Државниот обвинител вели дека истражителите проверуваат одредени предмети дали биле делени кај одредени судии со електронска распределба преку АКМИС системот, или тој бил заобиколен. Додека не се обезбедат сигурни докази, ќе трае предистражната постапка. Тој вели  дека од доказите ќе зависи дали Обвинителството ќе ги повика на распит поранешните претседатели на овие судови, или не и дека од тоа ќе зависи натамошниот тек на постапката.

    И специјалната обвинителка Катица Јанева речиси во исто време со групата од Министерството за правда влезе да го чешла АКМИС системот во Основниот суд Скопје 1, за друга истрага што ја отвори СЈО. Оваа истрага беше поврзана со разговори од незаконски прислушуваните материјали и опфаќаше и оддавање службена тајна. Со налог обезбеден од Основниот суд Гевгелија, таа изврши претрес во семејниот дом на Панчевски, од каде одзеде телефони и компјутер. Тие беа дадени на вештачење во МВР. Не се дозна што е најдено во зaпленетите компјутери и дали воопшто има докази во нив за делење предмети на рака, како што кажа таа по претресот на персоналниот компјутер на претседателот на Кривичниот суд, кого во тој момент го користеше в.д. претседателот Стојанче Рибарев. Тој претседателски компјутер е поврзан со АКМИС-от, тој е АКМИС-системот во секој суд.

    Јанева нема мандат да поднесува обвиненија ни за оваа, ни за други почнати истраги, сè додека не се реши статусот на СЈО со закон, што од Министерството за правда беше најавено дури за крајот на 2018 година. На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали за овој и за други случаи смеат да соработуваат Јавното обвинителство на Македонија и СЈО, Јовески вели дека ни Законот за јавно обвинителство, ни тој за СЈО, ниту пак Законот за кривична постапка го забрануваат тоа.

    Вчера Обвинителството ги отфрли кривичните пријави на судијата Владимир Панчевски против специјалната обвинителка Катица Јанева и обвинителката од СЈО Ленче Ристоска. Утврдено било дека во пријавата на експретседателот на Кривичниот суд нема елементи на сторено кривично дело при претресот во неговиот дом.

    Законски било и тоа што наредбата за претрес Јанева ја обезбедила од Основниот суд Гевгелија, а не од Скопска единица кај што работи Панчевски, па со тоа не нашло одговорност ни кај претседателката на судот Злата Попова.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари