Седум учесници на демонстрациите на Шарената револуција во Скопје добија кривични пријави од полицијата поради „основан сомнеж дека учествувале во толпа што ќе изврши кривично дело“, соопшто Министерството за внатрешни работи.
Кривичните пријави се за протестот на 18 април кога беше боена фасадата на Министерството за култура, за кој МВР вели дека е објект од значајно културно наследство. Полицијата открива дека ги лоцирала напаѓачите со балони со боја од снимен видеоматеријал.
Втората група пријави е за боењето на Порта Македонија на 30 мај, за кој полицијата тврди дека е „објект – недвижно културно наследство“. МВР пресметало штета од околу 3.000 евра во денарска противвредност. Пријавата е за возачот на комбето сопственост на СДСМ со кое се пренесувал чаталот кој шарените револуционери го користат за боење на објектите на Скопје 2014.