ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ ДВОЈНО Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА НЕСРЕЌНИ УЧЕНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ УНИЦЕФ

    ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ ДВОЈНО Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА НЕСРЕЌНИ УЧЕНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ УНИЦЕФОбразованието има потенцијал да ги извлече луѓето од сиромаштија, но резултатите од ПИСА посочуваат на нееднаквости во системот. - Од почетокот на учебната 2023/2024 година. (Фото: СДК.МК)

    Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, се соочува со емиграција на млади, образовани и квалификувани луѓе и резултатите покажуваат дека овој тренд најверојатно ќе продолжи, бидејќи задоволството на учениците од животот е значително намалено. Помеѓу 2018 и 2022 двојно е зголемена стапката на ученици кои се изјасниле дека не се задоволни од својот живот, од 7 отсто во 2018 , на 14 отсто во 2022, вели претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани на Меѓународниот ден на образованието.

    За да се зајакне економијата, потребна е квалификувана и компетентна работна сила, но во Македонија процентот на ученици кои го постигнале највисокото ниво е значително понизок од просекот во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во која членуваат 34 земји.

    Според извештајот од УНИЦЕФ, само еден процент од учениците имаат највисоки достигнувања по математиката, достигнувајќи ниво 5 или 6 (во споредба со просекот во ОЕЦД од 9 отсто), додека речиси никој нема највисоки достигнувања по читање и наука (во споредба со просекот во ОЕЦД од 7 отсто во двете области).

    „Доколку таквата состојба не се надмине, земјата и понатаму ќе заостанува во развојот на човечкиот капитал и конкурентноста. За да се зајакне економијата, потребна е квалификувана и компетентна работна сила“, вели Ди Џовани.

    Таа потсетува дека резултатите од последното тестирање во рамки на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА 2022) кои укажуваат на проблеми во резултатите од учењето кај учениците, алармираат дека структурните реформи во образованието треба да станат национален натпартиски приоритет.

    Севкупните постигнувања на учениците се многу ниски и се намалени меѓу 2018 и 2022 . Само еден од тројца ученици на возраст од 15 години постигнал минимално ниво на знаење по математика (ниво 2 од 6), што значи дека двајца од тројца ученици не успеале да протолкуваат и препознаат, без директни инструкции, како едноставна ситуација може математички да се претстави. Резултатите по читање се уште позагрижувачки, при што само еден од четворица ученици постигнува минимално знаење.

    „Образованието има потенцијал да ги извлече луѓето од сиромаштија, но резултатите од ПИСА посочуваат на нееднаквости во системот. Во Северна Македонија, учениците кои се во многу добра социо-економска состојба имаат далеку подобри постигања од учениците кои се социо-економски најобесправени и тоа за дури 76 поени по математика. Ако не се надминат овие нееднаквости, системот ќе ги продлабочи и со тоа ќе придонесе кон уште поголема сиромаштија и недостаток на можности“, вели претставничката на УНИЦЕФ.

    Според неа, оптимистички е тоа што Македонија е над просекот на ОЕЦД за прашања поврзани со чувството на припадност на учениците во училиште. Во 2022 година, 85% од учениците во Северна Македонија се изјасниле дека лесно се спријателуваат на училиште, а 86% имаат чувство на припадност во училиштето (во споредба со просекот во ОЕЦД од 76% и 75%, соодветно).

    „Таквото споделено чувство на припадност треба да се искористии да им се обезбеди квалитетна настава на учениците и стимулирачка училишна средина,за да можат да ги развиваат своите интереси, дасе стекнат со повеќе знаења и компетенции, а со тоа да си обезбедат подобар живот“, вели Ди Џовани.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира