ЗА ДА СЕ РАСТОВАРИ МЕТЕЖОТ НА ВОДЊАНСКА, РАМПАТА ЗА ВЛЕЗ ВО КЛИНИЧКИ ЌЕ СЕ ПОМЕСТИ ПОВНАТРЕ КОН КЛИНИКИТЕ

    ЗА ДА СЕ РАСТОВАРИ МЕТЕЖОТ НА ВОДЊАНСКА, РАМПАТА ЗА ВЛЕЗ ВО КЛИНИЧКИ ЌЕ СЕ ПОМЕСТИ ПОВНАТРЕ КОН КЛИНИКИТЕЗа непречен влез на возилата на Итна помош до Ургентниот центар на скопските клиники ќе има посебна лента. (Фото: СДК.МК)

    Рампата за влез во Клиничкиот центар ќе биде повлечена повнатре, за да се растовари сообраќајниот метеж на улицата Водњанска и да се овозможи зелен бран на булеварите кои водат до скопските клиники за возилата на Итната медицинска помош.

    „Рампата ќе се помести подолу кон Клиничкиот центар, при што една лента ќе биде целосно слободна само за возилата на Итната медицинска помош за да има директна линија со Ургентниот центар, а на другата ќе влегуваат останатите возила. При тоа нема да се дозволи паркирање на возила од влезот до Ургентниот центар за да има слободен проток на возилата“, велат од Министерство за здравство.

    Ова е едно од решенијата за проблемот со влезот во Клиничкиот центар и колоните возила што се создаваат на Водњанска, а за кои се разговарало на денешниот состанок меѓу министерот за здравство Венко Филипче и претставниците од секторите за сообраќај при Општина Центар и Град Скопје, Министерството за внатрешни работи, Регионалниот центар за управување со сообраќај и со вработени од Итната медицинска помош.

    За побрз излез на возилата сервисната улицата Герман која е врска на Клинички центар со илицата Јордан Мијалков било предложено да биде двонасочна, како и двонасочен сообраќај да се врати на улицата 50 Дивизија.

    „Разговаравме да се пробие и излез кај студентскиот дом ’Медицинар‘, како едно од подолгорочните решенија. Се разговараше и за можноста главниот влез во Клинички центар да биде дислоциран и да биде поставен во близина на стоматолошките клиники, за да се намали притисокот на возилата кои сообраќаат по Водњанска, особено кога има посебен режим, односно кога сообраќаат возила на делегации. Така ќе се ослободи и досегашниот главен влез за полесен пристап на возилата на брза помош“, велат од Министерството за здравство.

    На состанокот било договорено да се прошири влезот во Клинички кај Клиниката за детски болести, а на сервисните улички во центарот ќе има столпчиња за да се спречи непрописно паркирање и да има место за движење на пешаци.

    „Деновиве ќе ставиме сообраќајни знаци за правилно насочување на сообраќајот. Дел од коловозните ленти ќе бидат скратени во широчина, бидејќи со помош на столпчиња ќе биде формирана нова лента по која ќе се движат исклучиво интерклинички носила и лица со инвалидни колички. Договорено е поставување на неколку монтажни паркиралишта, по што ќе биде строго забрането паркирањето надвор од нив, освен на места кои ќе бидат одбележени за таа намена“, велат од Министерство за здравство.

    Од Министерството за здравство велат дека хортикултурно ќе ги уредат сите слободни површини, кои треба да бидат тампон зона меѓу клиниките и местата за паркирање.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира