ЗА ИМЕТО „ВМРО“ КАРАЈТЕ СЕ НА СУД, ИМ РЕЧЕ ЏАФЕРИ НА ВМРОВСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ КОИ БАРААТ ИЗБРКАНИТЕ ОД ПАРТИЈАТА ДА НЕ ГО КОРИСТАТ ИМЕТО „ВМРО-ДПМНЕ“ ЗА НЕЗАВИСНАТА ПРЕТЕНИЧКА ГРУПА

    ЗА ИМЕТО „ВМРО“ КАРАЈТЕ СЕ НА СУД, ИМ РЕЧЕ ЏАФЕРИ НА ВМРОВСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ КОИ БАРААТ ИЗБРКАНИТЕ ОД ПАРТИЈАТА ДА НЕ ГО КОРИСТАТ ИМЕТО „ВМРО-ДПМНЕ“ ЗА НЕЗАВИСНАТА ПРЕТЕНИЧКА ГРУПАНезависната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа воздржано за три уставни амандмани, а нивниот воздржан глас е и потсетување дека процесот на уставните измени е врзан со процесот на простување и помирување. - претседателот на Собранието Талат Џафери (Фото:К.Попов)

     

    Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара од претседателот на Собранието Талат Џафери да преземе мерки против пратениците кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ да не го користат симболот на партијата и името на партијата. Тој рече дека испратил допис до претседателот на Собранието со потпис од генералниот секретар Игор Јанушев исклучените пратеници да не го користат името ВМРО-ДПМНЕ.

    „Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, па неговото писмо нема дејство врз мене. Пратеници според Деловникот имаат право да формираат пратенички групи. А за името не е надлежно Собранието, ќе одите на суд и ќе го решавате проблемот“, му одговори претседателот Џафери на Мицевски.

    Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски побара точката да се повлече од дневниот ред бидејќи предлогот е противуставен, а рече дека и референдумот во Македонија бил неуспешен.

    Со 61 глас, парламентарното мнозинство го одби предлогот на Мицевски.

    Осуммината пратеници кои гласаа за отварање на процесот за промена на Уставот со цел влез на Македонија во ЕУ и во НАТО најавија дека ќе гласаат воздржано за три амандмани поврзани со помирувањето, а ги повикаа партиските колеги  од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за амандманите кои го гарантираат македонскиот идентитет.

    На собраниската седница на која се расправа за уставните измени, Зеќир Рамчиловиќ, независен пратеник од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија рече: „Потсетуваме дека нашиот воздржан глас за трите амандмани е врзан за за процесот за простување и помирување“.

    Амандманите ги образложи премиерот Зоран Заев.

    Г.ТРПЕНОСКИ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира