ЗА ПАЛЕЊЕ ОГНОМЕТ ВО ДЕНОВИ НА ЖАЛОСТ УАПСЕНИ ДВАЈЦА 18-ГОДИШНИЦИ ВО СКОПЈЕ

    ЗА ПАЛЕЊЕ ОГНОМЕТ ВО ДЕНОВИ НА ЖАЛОСТ УАПСЕНИ ДВАЈЦА 18-ГОДИШНИЦИ ВО СКОПЈЕПолицијата соопшти дека огнометот го палеле на роденденска забава во објект во Градскиот парк. (Фото: СДК.МК)

    Двајца 18-годишници се уапсени оти синоќа палеа огномет во Скопје, на третиот ден од 7-дневната жалост по пожарот со 59 жртви во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март. Полицијата соопшти дека огнометот го палеле на роденденска забава во објект во Градскиот парк.

    „На 19.03.2025 околу 21.25 часот во СВР Скопје е пријавено дека во градскиот парк во Скопје има огномет и не се почитува одлуката на Владата за седумдневна жалост. Веднаш е постапено од страна на полициските службеници на СВР Скопје и утврдено е дека во угостителски објект во градскиот парк била организирана роденденска прослава, при што од страна на М. Ф. (18) и М. Ф. (18), двајцата од Скопје бил запален огнометот. Тие се лишени од слобода и задржани во полициска станица во врска со чл 387 од КЗ, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопшти полицијата.

    Од 59-те загинати во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, 43 се од Кочани, по пет лица се од Скопје и Штип, тројца од Пробиштип, двајца загинати се од Виница и едно лице е од Струмица. Повредени се 178 лица, од кои 64 се во државните болници во Македонија, 13 се во приватните болници, a во моментов 101 пациент се лекува во странство.

    Загинатите ќе бидат погребани денеска во Кочани и другите градови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира