ЗА СЕКОЈ СЛУЧАЈ, ЏАФЕРИ СО БАРИКАДА СИ ЈА ЗАШТИТИ КАРТИЧКАТА ЗА ГЛАСАЊЕ ПРЕД РАСПРАВАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ

    ЗА СЕКОЈ СЛУЧАЈ, ЏАФЕРИ СО БАРИКАДА СИ ЈА ЗАШТИТИ КАРТИЧКАТА ЗА ГЛАСАЊЕ ПРЕД РАСПРАВАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕПред спикерот Џафери сега има преграда за да не може никој да му ја земе картичката за гласање. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Никој од пратениците не знае дали претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја отвори расправата за Законот за употреба на јазиците во трето читање, на која што ВМРО-ДПМНЕ има поднесено над 35 илјади амандмани или ќе се оди само на гласање на останатите точки од дневниот ред на продолжението на 32. собраниска седница, закажана за денеска.

    Сепак, спикерот Џафери не остава ништо на случајот. Така, ако одлучи да ја отвори расправата за Законот за употреба на јазиците и ако има обид опозицијата да ја блокира расправата, за секој случај, тој стави заштитна преграда на местото каде што му стои картичката за евиденција на гласањето за да не може никој да му ја земе.

    Таков случај имаше минатиот август, кога пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски му ја извади картичката на Џафери, па спикерот го повика обезбедувањето да стои кај говорницата за да не му ја извади пак некој картичката.

    Извори од владејачкото мнозинство за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека не очекуваат Џафери да ја отвори расправата за јазиците без претходно да има договор со ВМРО-ДПМНЕ за поднесените амандмани.

    Од СДСМ велат дека ќе почекаат со законот уште некое време во случај да падне договор со опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

    „Негово е правото дали ќе отвори расправа или не за Законот за употреба на јазиците. Прво треба да ги поминеме останатите точки, за кои треба само да се гласа, а дали ќе се врати на точката за Законот за употреба на јазици или ќе ја отвори другата најавена седница само претседателот одлучува. Не верувам дека без договор со опозицијата, Џафери ќе ја отвори расправата, влогот е голем“, велат од мнозинството.

    Засега никој не попушта од своите позиции, ниту власта, ниту опозицијата.

    Премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски завчера изјавија дека нема договор за деблокирањето на донесувањето на Законот за употреба на јазиците во Собранието. Мицкоски рече дека остануваат на ставот дека Законот за употреба на јазиците е неуставен и треба да биде повлечен.

    Премиерот Зоран Заев пак изјави дека Законот е уставен, а ако се има дилема, тогаш тој треба да се оспори пред Уставниот суд.

    „Ако се има малку разум, законот треба да се донесе во Собранието, па кој смета дека не е уставен да го оспори пред Уставниот суд, а не да се блокира Собранието пред вакви важни моменти за изгласување еден куп реформски закони од кои зависи европската иднина на Македонија“, рече Заев.

    Законот за употреба на јазиците е блокиран на трето читање, откако претседателот на државата Ѓорге Иванов го врати со забелешки законот во Собранието, а опозициската партија поднесе околу 35 илјади амандмани.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира