По пласманот на ракометарите на Вардар во финалето на Лигата на шампиони, Град Скопје денеска на Плоштадот Македонија ќе организира заедничко гледање на финалниот натпревар на видео бим.
Градоначалникот Петре Шилегов вчера еден час по завршување на полуфиналниот натпревар во кој Вардар на сензационален начин го победи гигантот Барселона со 29:27, на својот фејсбук профил напиша дека на плоштадот ќе биде поставен голем бим за заедничко гледање и бодрење на Вардар.
Поради пласманот на Вардар во финалето, одложен за половина час ќе биде и вечерашниот концерт на Стинг, на арената „Тоше Проески“. Првпат во својата повеќедецениска кариера, големиот британски музичар го помести почетокот на свој концерт од една ваква причина.
Вардар го игра финалето со Веспрем од 18 часот, а музичкиот спектакл на стадионот „Тоше Проески“ оригинално требаше да стартува во 20 часот, но поради натпреварот настапот на триото на Влатко Стефановски ќе почне во 20.30 часот, а Стинг излегува на сцена во 22 часот, половина час подоцна од предвиденото.
А. АНТЕВСКА