ЗА ЗАЕВ ОСТАВКАТА НА БОГОЕВСКИ Е ХРАБРА, А ГРУЕВСКИ Е БЕГАЛЕЦ И ОЧЕКУВА СОБРАНИЕТО ДА МУ ГО ОДЗЕМЕ МАНДАТОТ

    ЗА ЗАЕВ ОСТАВКАТА НА БОГОЕВСКИ Е ХРАБРА, А ГРУЕВСКИ Е БЕГАЛЕЦ И ОЧЕКУВА СОБРАНИЕТО ДА МУ ГО ОДЗЕМЕ МАНДАТОТ„Ја поздравувам одлуката која е храбра и понесување на одговорност дури и за етички работи за кои граѓаните од нас политичарите очекуваат да повлечеме и чекори“, рече премиерот Заев за оставката на Павле Богоевски од пратеничката функција; - Богоевски оставката ја соопшти на денешната Комисија за мандатно-имунитетни прашања. (Фото: К. Попов).

    Одлуката на пратеникот Павле Богоевски да даде оставка од пратеничката функција според премиерот Зоран Заев е храбра и  значи понесување одговорност, иако смета дека тој е добар пратеник и се надева на идна соработка со него.

    Богоевски денес неочекувано си поднесе оставка од пратеничката функција за време на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања што тој ја води, а на која требаше да се одлучи за одземање на мандатот на избеганиот пратеник Никола Груевски, кој 6 месеци не доаѓа на работа. Тој оставаката ја поднесе по барањето на пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ да се дополни дневниот ред на комисијата и да се расправа за да се утврди одговорност на Богоевски за кршење на етичкиот кодекс на пратениците, нарачувајќи забранета наркотична супстанца.

    Заев рече дека веќе еднаш кажал оти секогаш кога приватниот живот на пратеникот нема влијание врз извршување на работите тој нема ништо против, но дека е негово право и негова одлука.

    „Тој е одличен партеник и е еден од симболите на Шарената револуција, а најголемиот симбол се сите наши граѓани секако. Ќе ми биде задоволство да продолжам со таков човек да работам, тоа мора да го кажам, затоа што знам овој парламентарен состав каква капацитетност покажа и донесе многу тешки одлуки. Знам како се димензионираа многу програмски определби, многу успеси на оваа земја во кои беше вграден пратеникот Павле Богоевски. Верувам, како и да одлучи, во кој сегмент од својот живот да работи ќе ми биде драго да соработувам со него. Затоа што си ја сака земјата до небото, сака да се вгради во нејзиниот успех и верувам дека ќе најдеме начин за идни соработки. Ја поздравувам одлуката која е храбра и понесување на одговорност дури и за етички работи за кои граѓаните од нас политичарите очекуваат да повлечеме и чекори“, рече Заев.

    На прашањето дали очекува собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања да му го одземе мандатот на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е осуден и е во бегство, Заев рече дека Уставот и деловникот на Собранието се многу јасни.

    „Овде имаме чист случај. На чистите случаи барем да нема политиканство и поделба. На чистиот случај имаме бегалец надвор од државата, кој што добил азил надвор од меѓународните стандарди. Тоа се нашите официјални ставови и најмалку што треба парламентот да направи е да ја донесе принципиелната одлука. Тоа не значи дека неговите од ВМРО-ДПМНЕ му мислат лошо или му се непријатели, принципиелна е одлуката. Јасно ми е дека треба двотретинско мнозинство и тоа им го должиме на граѓаните“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира