ЗАБОЛЕНИТЕ СО ЛЕСНИ СИМПТОМИ НА КОВИД-19 ДА СЕДАТ ДОМА, ОСТАВЕТЕ ИМ МЕСТО ВО БОЛНИЦА НА ТИЕ КОИ НАВИСТИНА ИМ ТРЕБА, АПЕЛИРА ДИРЕКТОРКАТА НА ИНФЕКТИВНА

    ЗАБОЛЕНИТЕ СО ЛЕСНИ СИМПТОМИ НА КОВИД-19 ДА СЕДАТ ДОМА, ОСТАВЕТЕ ИМ МЕСТО ВО БОЛНИЦА НА ТИЕ КОИ НАВИСТИНА ИМ ТРЕБА, АПЕЛИРА ДИРЕКТОРКАТА НА ИНФЕКТИВНА„Мерките за заштита важат насекаде во светот, многу едноставни и лесни за придржување. Само треба дисциплина, а таа сега ни е исклучително потребна. Држете дистанца, избегнувајте групирања, носете маска“, вели д-р Стевановиќ. (Фото: СДК.МК)

    Директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стевановиќ апелира до заболените лица со ковид-19 целосно да ги следат препораките на стручните лица, матичните лекари, a они кои имаат лесни симптоми да останат  дома, изолирани со симптоматска и витаминска терапија.

    „Да им помогнеме на оние кои навистина имаат потреба од хоспитализација“ , апелира таа.

    На Инфективната клиника вчера беа примени  20 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 108 пациенти. На кислородна поддршка се 80 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација

    Од завчера почна да се полни со пациенти монтажната болница до Инфективна клиника, која има капацитет од 70 кревети.

    „Постои систем на мобилизирање на медицински персонал, како среден медицински персонал, така и лекарски и специјалистички. Во моментот на испомош се дојдени колеги од интернистичките гранки и тоа е практично една екипа, еден тим кој работи и во клиничката зграда и во модуларната болница. Тоа е всушност една институција сега“, рече директорката.

    Според неа, заради динамиката на приеми и исписи не може да се даде предвидување како ќе се полнат болничките капацитети, но, повторува, здравствените власти постојано апелираат до граѓаните да се придржуваат  кон мерките како единствен начин за лична заштита и превенција од ширење на вирусот.

    „Истите мерки важат насекаде во светот, многу едноставни и лесни за придржување. Само треба дисциплина, а таа сега ни е исклучително потребна. Држете дистанца, избегнувајте групирања, носете маска. Ние, здравствените работници, мораме да издржиме, заради нас, заради вас, заради нашите и вашите семејства. Граѓаните мора да ни помогнат“, кажа д-р Стевановиќ.

    Во земјава вчера беа регистрирани 641 нов позитивен случај на ковид-19 и 12 починати пациенти. Вкупно ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата има 24.836, оздравеа 17.905, починаа 862, а активни случаи има 6.069.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира