Премиерот Зоран Заев во видеопорака му ја честита инаугурацијата на претседателот на државата Стево Пендаровски, оти нема да биде присутен на чинот во Собрането. Заев, кој од 10 до 14 мај користи одмор од приватни причини како што соопшти Владата, во видеочеститката на Пендаровски му посакува успех и вели дека верува во конструктивна соработка во интерес на развојот.
„Денес нашата земја добива претседател – тоа е нашиот Стево Пендаровски, лидер кој ни се приклучува во водството напред, во нашата заедничка иницијатива со која ја правиме Северна Македонија убаво место за живеење. Денес Пендаровски ја презема должноста да биде претседател на сите граѓани, натпартиски, да се бори за правда и правичност и да ја претставува земјата достоинствено насекаде низ светот. Драг Стево, нека е честито, успеавме, граѓаните потврдија дека мораме да продолжиме напред, преку заедништво. Сега одговорноста е голема. Те поддржувам за да им служиш посветено и праведно на сите граѓани и на нашата држава. Честитки, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе, и на првиот работен состанок. Нѐ чека многу заедничка работа, за нашиот народ“, вели Заев во пораката, снимена пред неутрална позадина со логото на Владата во долнот десен агол.
Инаугурацијата на Пендаровски ќе се одржи денеска на пладне во Собранието.