Десет полицајци се повредени откако биле нападнати од затвореници во затворот Идризово додека вршеле претрес. Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР), денеска полициски службеници од Бирото за јавна безбедност во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, по претходно добиени оперативни сознанија и наредба за претрес од Основен кривичен суд Скопје, извршиле претрес во Казнено-поправната установа Идризово.
Во Полуотвореното одделение при претресот се пронајдени 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога.
„При преземањето службени дејства, се собрала поголема група затвореници која пружила активен отпор, но биле совладани по преземени мерки и активности. Притоа, со повреди се здобиле 10 полициски службеници, а со повреди се здобиле и дел од затворениците“ соопштија од МВР.
Од таму додаваат дека се работи на документирање на случајот по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.