ЗАВИСНИЦИТЕ ЌЕ ПРИМААТ ТЕРАПИЈА ПРЕД ЛЕКАР, ДИСПЕРЗИЈА НА ПАЦИЕНТИТЕ ОД ЦЕНТАРОТ ВО КИСЕЛА ВОДА НА ПОВЕЌЕ ПУНКТОВИ ВО СКОПЈЕ

    ЗАВИСНИЦИТЕ ЌЕ ПРИМААТ ТЕРАПИЈА ПРЕД ЛЕКАР, ДИСПЕРЗИЈА НА ПАЦИЕНТИТЕ ОД ЦЕНТАРОТ ВО КИСЕЛА ВОДА НА ПОВЕЌЕ ПУНКТОВИ ВО СКОПЈЕГолемиот број пациенти, над 500, кои сега се лекуваат во Кисела Вода е проблем. Со помал број пациенти на повеќе места ќе нема проблем со медицинскиот отпад и нема да биде расфрлан, а нема да има и проблематични случаи оти ќе имаат психолошка поддршка, вели министерот за здравство Венко Филипче; - Дете дува лепак пред полицајци пред Собранието (Архивска фотографија)

    Со опремување на повеќе пунктови во Скопје и дисперзија на пациентите ќе се олесни работата на Центарот за зависници во Кисела Вода, каде се лекуваат над 500 лица. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека во тек е опремување на пунктовите во поликлиниките Јане Сандански и Ченто, како и во психијатриската болница во Бардовци, со што значајно ќе се намали бројот на пациенти во Кисела Вода.

    Тој смета дека сега е хаотична ситуација во која овие лица не може да добијат соодветен третман и се отвора можност за злоупотреба на препаратите.

    „Тоа е сликата кај нас која е создадена за овие лица и доколку навреме биле соодветно третирани, помал број на повеќе места, воопшто немаше да биде така. Во Градската општа болница ‘8 Септември’ има Центар за третман на зависници и не сме чуле дека има проблем. Бројката е помала, не доаѓаат секој ден и терапијата ја примаат во присуство на лекар и со тоа се намалува можноста за злоупотреби“, рече Филипче.

    Тој смета дека овие пациенти не треба да се изолираат во еден центар и кажа дека по вчерашниот состанок со градоначалниците на Аеродром и Гази Баба, со невладини организации и со граѓани, договориле да се разговара со населението. Министерот рече дека е свесен  оти има отпор кај населението, и оти главно е затоа што мислат дека она што се случува во Кисела Вода сега само ќе се префрли во другите општини.

    „Развиваме европски модели и ќе работиме заедно со општините и граѓанските организации за нивно имплементирање. Ќе работиме со населението за да им укажеме дека сликата која сега ја имаат дека не е вистинска во однос на таа која ќе биде кога ќе се случи дисперзијата, бидејќи големиот број пациенти, над 500, кои сега се лекуваат во Кисела Вода е проблем. Со помал број пациенти на повеќе места ќе нема проблем со медицинскиот отпад и нема да биде расфрлан, а нема да има и проблематични случаи оти ќе имаат психолошка поддршка”, рече Филипче.

    Тој рече дека во тек е опремувње на овие пунктови, а дека во иднина планираат да доуредат простор и во останатите поликлиники, но претходно ќе разговараат и со локалното население. Според него, проблемот со Центарот во Кисела Вода е стар над дваесет години и дополнително се усложнил кога пред две години бил затворен Центарот на скопските клиники.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира