За шест дена, од 29 јуни до 5 јули, намален е бројот новозаболени лица од коронавирус и починати по компликации од вирусот, а зголемен е бројот на оздравени лица во споредба со претходната недела на известување, велат од Министерството за здравство, пренесувајќи го неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Во овој период направени се 8.422 тестирања, а регистрирани се 917 позитивни случаи на ковид-19, што е за 186 случаи помалку од претходната недела. Во последните три недели бројот на новозаболени на неделно ниво бележи пад, како и процентот на позитивни случаи од тестирани. Во периодот од 29 јуни до 5 јули овој процент изнесува 10.9%.
Регистрирани се случаи во 25 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (45.9%) и во Тетово (10,3%). Во 17 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години 22,9%, потоа лица од 50-59 години – 19,8%, забележано е благо намалување во однос на претходниот период кај лица помеѓу 40–49 години и благо згoлемување на процентот кај лица помеѓу 30-39 и 20-29 години. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа од 0-9 години – 3.1%, и од 10-19 години – 4.1% од вкупниот број на новозаболени.
„Од случаите во овој период кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 113 лица или 13,4% што претставува намалување за 4% во однос на претходната недела на известување, а кај 205 лица или кај 25% регистрирано е присуство на коморбидитети“, стои во извештајот.
Во периодот 29 јуни до 5 јули, регистрирани се 46 смртни случаи, што е 11 помалку од претходната недела на известување. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 67,4%. Кај 38 од смртните случаи (82,6%) регистрирани се претходни коморбидитети.
Оздравени се водат 613 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 166 лица повеќе од претходната недела на известување (21-28 јуни).
„Ова е исто така важен и позитивен индикатор кој влијае на намалување на растот на активни случаи“, велат од Министерството за здравство.
Б. НЕСТОРОСКА