Претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, вечерва во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, одржа промотивна конвенција за претседателските избори. Пендаровски на конвенцијата ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите на 21 април и 5 мај оти тоа е единствениот начин земјава да оди по патот кон Европската унија и НАТО.
„Знам дека сме изморени од избори, но мора да се мобилизираме и да го продолжиме патот по кој почнавме да чекориме, за европска иднина на нашата државата. Не смееме да се коцкаме со иднината на земјата и да фрлиме во вода сè што оваа власт изминативе речиси две години направи. Не ни носи иднина поништувањето на Договорот од Преспа. На овие избори ќе си го земеме она што ни го земаа пред 5 години“, рече Пендаровски.
На конвенцијата се обрати и поранешниот министер и кандидат за претседател Имер Селмани и премиерот Зоран Заев. Заев кажа дека земјата чекори во вистински правец кон Европската Унија и НАТО, со силна поддршка од цела меѓународна заедница. Според премиерот опозициската ВМРО-ДПМНЕ не нуди ништо за иднината на народот, туку се празна слама.
„Подготвен сум со секого да седнам, да разговарам, кога се работи за иднината на земјата. Да подадам рака и кон опозицијата, немам никакви предрасуди. Спремен сум селфи и со Мицкоски да направам, само тој да подаде рака и да се откаже од неговиот претходник Груевски“, кажа Заев.
А. АНТЕВСКА