Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков го прашува Христијан Мицкоски зошто не го повикал народот да гласа „против“ на референдумот кога, како што вели тој во отвореното писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сите знаеле дека убедливо поголем дел од граѓаните на Македонија се против договорот со Грција. Со победата над оние што беа „за“, Мијалков вели дека ќе се оневозможел и ќе станел бесмислен понатамошниот притисок врз пратениците на ВМРО, кој притисок бил предвидлив и Мицкоски знаел дека ќе се случи. Дополнително, со победа на „против“ над „за“, според Мијалков, ВМРО-ДПМНЕ ќе беше во ситуација да бара нови избори наместо да бара виновници за неуспесите и грешките на претседателот на партијата.
Отвореното писмо на Мијалков доаѓа недела дена откако беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ. За образложението за неговото исклучување, тој вели дека ќе го тужи Александар Николовски, кој по седницата на Централниот комитет на партијата кажа дека Мијалков е во криминална коалиција со Зоран и Вице Заев.
„Јас сум во ВМРО уште кога некој од Вас беа во пелени како на пример Александар кој го пуштивте да Ви е гласноговорник, и кој деновиве ќе добие од мене тужба за клевета и навреда, па најпрвин со него ќе се видиме на суд. Нека докаже дека сум го правел тоа за што лажно ме обвини. Барем да имаше храброст ти да го кажеше тоа, а не да пушташ други“, вели Мијалков во писмото.
Тој го прашува Мицкоски и дали се испазарил за самиот себе на грбот не само на другите, туку и на Македонија и на нејзиното уставно име за да биде тргнат од осомничените во предметот на СЈО „Талир“.
„Кој и како издејствува, ти Христијан кој беше ставен во предистражната постапка за предметот Талир, поврзан со финансирање на партијата во време кога ти беше генерален секретар, да бидеш тргнат од листата? Дали ти не се испазари за самиот себе на грбот не само на другите, туку и на Македонија и на нејзиното уставно име?“, прашува Мијалков.
Мијалков вели дека Мицкоски охрабрувал некои свои соработници да убедат осум пратеници да гласаат „за“ уставните измени со цел да се решело прашањето, ама Мицкоски да не бил крив, а плус да глумел храбар лидер, кој бара предвремени избори, фалејќи се со сомнителни анкети, кои ги добивал од агенција од друга држава.
„Да им кажам јас ним, што ти Христијан ми говореше во ноември и декември лани околу решавањето на уставното име, но и во текот на оваа година, па нека оценат кој е предавникот и криминалецот, а кој патриот и чесен кон својот народ. Да слушнат малку за твојата дволичност и двоен морал“, пишува Мијалков.
Тој најавува дека во периодов што претстои народот и членството ќе го видат лажното лице на Мицкоски.
„Народот и членството ќе видат колку ти си бил засегнат за неменување на името и која е цената што ти би ја платил за одбрана на името. Народот ќе види дали ќе го бојкотираш собранието и дали ќе повикаш на протести и граѓанска непослушност. Дали ќе организираш филибастеринг (блокирање на собранието со амандмани) за да спречиш промена на Уставот или ќе дадеш налог да се дискутира неколку денови за да се стигне на време со агендата, а после повторно ќе глумиш патриот и виновни повторно ќе бидат пратениците што недоволно ја бранеле каузата? Дури и Левица има храброст да повика и да излезе на протест, а каде си ти Христијане?“, прашува Мијалков.
Мијалков го прашува Мицкоски дали интимно посакувал да смени името и притоа тој да излезе чист од ситуацијата.
„Зошто цели 3 месеци по објавувањето и потпишувањето на договорот со Грција, ти немаше никаков став како ќе се постапи на референдумот, и остави огромен простор други помали партии, групи, поединци и којзнае чии скриени експоненти да го водат членството во бојкот, а однапред СДСМ кажа дека по истиот одлуката ќе ја пренесе на решавање кај пратениците? Еден прилично предвидлив процес. Дали ти интимно посакуваше да се смени името, а притоа вината да се фрли врз прогонетите пратеници а потоа да излезеш ’чист‘ од целата ситуација, среќен дека друг ти го решил и тргнал проблемот со името и си ја понел вината со себе?“, прашува Мијалков.
Тој го прашува Мицкоски како со професорска плата од 500 евра успеал да дојде до неколку хидроцентрали за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Како тоа ти како професор со 500 евра плата успеа да дојдеш до неколку хидроцентрали токму за време на владеењето на ВМРО? Колку што јас знам, професори на факултет има многу, но само еден професор во Македонија, кој претходно немал сопствен бизнис, има милионски вредни хидроцентрали кои носат милионски заработки во евра, а сето тоа без никаков ангажман, само врз основа на добиената концесија доделена од владата на ВМРО?“, му пиша Мијалков на Мицкоски.