На градскиот плоштад во Тетово стотина приврзаници на ДУИ ја прославија победата на Теута Арифи за градоначалничка на Тетово. На плоштадот ечеа зурли и тапани и се виеја неколку ора, а во два-три наврати се слушна и по некој истрел од огнено оружје. Прославата траеше нешто повеќе од половина час по што присутните се растурија.
За разлика од минатите победи на ДУИ, овој пат немаше автомобили закитени со албански и партиски знамиња кои неуморно кружеа по главните улици во градот.
Во седиштето на ДУИ во Мала Речица веднаш по соопштувањето на резултатите од гласањето и обзнанувањето дека Теута Арифи го победи својот противкандидат лидерот на БЕСА Билал Касами, таа ја даде следнава изјава:
„Сакам да им се заблагодарам на нашите активисти, но и на граѓаните кои на овие избори ја оценија нашата завршена работа и завршени проекти и ветувам дека и во идниот мандат ќе работам за сите граѓани без разлика на етничката и политичката припадност“.
З. АНДОНОВ