ГИ СЛЕДИМЕ РИЗИЦИТЕ ОД СОПСТВЕНИЧКАТА ПОВРЗАНОСТ НА „АЛТА БАНКА АД БИТОЛА“ СО БАНКАТА ВО СРБИЈА, ВЕЛАТ ОД НАРОДНА БАНКА, ДОДЕКА ПРЕД БИТОЛСКАТА ЕКСПОЗИТУРА СЕ ПРАВАТ РЕДИЦИ ОД КЛИЕНТИ

    ГИ СЛЕДИМЕ РИЗИЦИТЕ ОД СОПСТВЕНИЧКАТА ПОВРЗАНОСТ НА „АЛТА БАНКА АД БИТОЛА“ СО БАНКАТА ВО СРБИЈА, ВЕЛАТ ОД НАРОДНА БАНКА, ДОДЕКА ПРЕД БИТОЛСКАТА ЕКСПОЗИТУРА СЕ ПРАВАТ РЕДИЦИ ОД КЛИЕНТИОд Народна банка соопштија дека одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград не значи автоматско одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Битола. - Гужви пред експозитура во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград не значи автоматско одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Битола, соопштија денеска од Народна банка. Од кабинетот на гувернерот Трајко Славески додаваат дека домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Република Северна Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка.

    „Народната банка ги следи и сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност. Во рамките на своите законски надлежности, Народната банка соодветно постапува и соработува со надлежните домашни и странски институции, со почитување на законските правила за доверливост на супервизорските информации. Во однос на стекнувањето квалификувано учество во банка, Народната банка потсетува дека согласност се издава врз основа на сеопфатна постапка, во која се ценат законски утврдените критериуми, а врз основа на официјално достапните податоци. Народната банка апелира до јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации. Народната банка ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и да постапува независно, професионално и исклучиво во согласност со своите законски надлежности, во интерес на сигурноста на банкарскиот систем и заштитата на депонентите“, велат од Народна банка.

    Веста дека Извршниот одбор на Народната банка на Србија одлучи да ѝ ја одземе дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград предизвика вознемиреност кај битолчани, чии сметки и заштеди се во „Алта банка“ АД Битола, поранешна „Стопанска банка Битола“. Од утрово, граѓани се собраа пред експозитурите за да ги повлечат парите. Меѓу нив најмногу имаше пензионери, на кои веста им се совпадна со периодот на исплата на пензиите.

    Редици се чекаа пред банкоматите и пред влезот во банката, која денеска работеше до 13 часот. Влегувањето се одвиваше бавно, што дополнително ја зголемуваше нервозата кај присутните.

    „Изгорени сме многупати од банки и штедилници. Побрзавме тука да си ги подигнеме парите. Исплашени сме, живееме од пензиите, без нив леб не ќе можеме да си купиме“, коментираа граѓаните.

    Други го молеа обезбедувањето да ги пушти внатре за да си ги подигнат парите, а дел од нив прашуваа дали се врши дневен промет.

    „Излезете, јасно и гласно кажете што ќе биде“, бараа присутните.

    На граѓаните најпрво им се обрати припадник на обезбедувањето, кој им порача дека можат да дојдат и в понеделник.

    „Не чекајте,  не се малтретирајте, можете и в понеделник да дојдете, банката ќе работи. Внатре сега има сто души, а работиме до 13 часот, па влегување нема“, им рече тој.

    Потоа им се обрати и вработена во банката, која ги уверуваше дека нема причина за паника.

    „Банката има пари, да нема паника. Банкоматите се полни и ќе бидат полни, сите ќе можете да си ги подигнете парите. Тоа што се случува во Србија нема врска со ситуацијата овде“, рече таа.

    Од „Алта банка“ АД Битола утрово соопштија дека банката е ликвидна и продолжува со стабилно и непречено работење и дека настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на нејзините финансиска состојба и правен статус.

    „’Алта банка‘ АД Битола е самостојно правно лице, регистрирано во Република Северна Македонија, кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосредна супервизија на Народна банка на Република Северна Македонија. ‘Алта банка‘ АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење. Сите експозитури и банкомати функционираат нормално, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства. Клиентите можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, согласно вообичаените услови на работење“, се вели во соопштението на банката.

    Според финансиските извештаи за работењето до септември годинава „Алта банка“ од Битола оствари нето-загуба во износ од 48,64 милиони денари, наспроти добивката од 49,15 милиони денари, остварена во истиот период од претходната година. Во однос на планот, банката остварила послаб резултат за 36,27 отсто, односно за 12,95 милиони денари.

    Народната банка на Србија денеска ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, наведувајќи ги значителното влошување на финансиската состојба и ризикот за ликвидноста, односно способноста на банката навреме да ги исполнува обврските кон клиентите.

    Сопственик на српската „Алта банка“ е Давор Мацура, кој според пишувањата на српските медиуми е близок до партијата на Александар Вучиќ, Српска напредна партија. Во октомври, на Мацура му беше забранет влез во Црна Гора. Мацура на 14 октомври беше вратен од аеродромот во Подгорица поради сомнеж дека може да ја загрози националната безбедност на земјата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира