„ГРАНИТ“ ЌЕ ПОЧНЕ ЛЕТОВО ДА ГО ГРАДИ АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-БЛАЦЕ, ЌЕ ЗАВРШИ ЗА ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ, НАЈАВИ НИКОЛОСКИ

    „ГРАНИТ“ ЌЕ ПОЧНЕ ЛЕТОВО ДА ГО ГРАДИ АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-БЛАЦЕ, ЌЕ ЗАВРШИ ЗА ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ, НАЈАВИ НИКОЛОСКИВицепремиерот Николоски во Истанбул разговарал за автопатот со Фатих Туркменоглу, директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). (Фото: Министерство за транспорт и врски)

    Конзорциумот предводен од македонската градежна компанија „Гранит“ ќе го гради автопатот Скопје-Блаце, соопшти Министерството за транспорт и врски. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска во Истанбул разговарал за автопатот со директорot на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу.

    На средбата во Истанбул, претставниците на ЕБОР информирале дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) успешно е завршена постапката за избор на изведувач.

    „После подолг временски период една домашна македонска компанија ќе гради голем инфраструктурен проект. Во текот на ова лето започнува да се гради автопатот Скопје-Блаце, кој е исклучително комплексен проект. На него имаме пет тунели, имаме две галерии, 12 мостови или вкупно околу 40 -тина објекти заедно со помалите објекти. Тоа е еден голем инженерски потфат, голем градителски потфат. Но, ќе докажеме дека како држава можеме да работиме големи проекти. Планираме изведувачот да го заврши овој проект во рок од 3 и пол години и за најдоцна 3 и пол години да имаме автопатско поврзување од Скопје до Блаце, односно од Македонија до Косово и до Црна Гора. Овој Коридор е исклучително значен зашто Македонија ја поврзува со Косово и со Црна Гора, на дневна основа многу патници поминуваат по него, а со поврзувањето и со Косово и со Црна Гора се отвора уште едно пристаниште за македонскиот бизнис, за македонското стопанство, тоа е пристаништето во Бар“, изјави Николоски.

    Во 2018, тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески кажа дека со 1,2 милиони евра обезбедени од грантови ќе се прави нов проект за доизградба на патниот правец Скопје-Блаце, кое требаше да заврши до ноември 2018. Тој тогаш рече дека решиле да го препроектираат овој патен правец со решение за автопат, бидејќи тогашниот проект не ги задоволува безбедносните стандарди за одвивање на безбеден сообраќај и транспорт.

    „Дел од трасата минува низ гробишта, дел низ зоната во Визбегово и за да немаме такви проблеми решивме да го препроектираме. Изработката на проектот треба да заврши до ноември по што веднаш ќе распишеме тендер и ќе почнеме со работа. Станува збор за изградба на 13 километри патен правец“, кажа Сугарески во март 2018.

    Во септември 2022, тогашниот директор на ЈПДП, Ејуп Рустеми, рече дека рокот за изградба на првата делница од автопатот Скопје-Блаце во должина од два километра ќе се пролонгира бидејќи тешко оди експропријацијата на земјиштето, а на терен излегле и други непредвидени ситуации,. Во ноември 2021, беше соопштено дека оваа делница вредна 14,2 милиони евра ќе биде готова до средината на 2022.

    „Требаше да се проектира нов потпорен ѕид со должина од 280 метри и да се проектираат косините на оваа делница. Проектите се готови, но поради законските правила за јавни набавки, мораше одново да го отвориме процесот за овие два километра“, кажа директорот во септември 2022.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира