ИСКУСНИТЕ КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ КОИ БИЛЕ НАДЗОР НА ТЕСТИРАЊЕТО ОД ДАНЦИТЕ СЕ ПОВЛЕКУВААТ ПОРАДИ ПОЛИТИЧКИ ПРИТИСОЦИ ДА НЕ СЕ ИЗБЕРАТ НАЈДОБРИТЕ „НИЧИИ ДЕЦА“

    ИСКУСНИТЕ КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ КОИ БИЛЕ НАДЗОР НА ТЕСТИРАЊЕТО ОД ДАНЦИТЕ СЕ ПОВЛЕКУВААТ ПОРАДИ ПОЛИТИЧКИ ПРИТИСОЦИ ДА НЕ СЕ ИЗБЕРАТ НАЈДОБРИТЕ „НИЧИИ ДЕЦА“Случајот прераснува во безбедносното прашање затоа што тестовите ги поминале „ничии деца“ -Обласната контрола на летање на Скопскиот аеродром (Фото: Ѓ.Личовски)

    Контролорите на летање кои се вклучени во процесот на тестирање на кандидатите за школување за идни контролори, вчера попладне во канцеларијата на директорот на МНАВ Фахрудин Хамиди оставиле протестна нота и барање за прераспределување.

    Всушност тие поднеле оставки на местата за надзор на процесот, бидејќи не сакаат да учествуваат во уривање на успешниот оглас, на кој биле избрани најдобрите 8 кандидати за обука во Данска. Станува збор за 12 искусни контролори на летање од повисок ранг во професијата – инструктори, раководители и експерти.

    Како што објави вчера САКАМДАКАЖАМ.МК, тројцата членови на управниот одбор на МНАВ, на чело со претседателот Хамиди, сакаат да го пропаднат огласот на кој реномираниот тренинг-центар од Данска „Гејт авиејшн тренинг“, по добиен тендер од МНАВ и согласно препораките од Еуроконтрол, избра 8 најдобри, од вкупно 270 пријавени кандидати за школување за контролори на летање.

    Според Синдикатот и според Здружението на контролори на летање, директорите Фахрудин Хамиди, Миѓен Селмани и Влатко Крстевски намерно не ги праќаат осумтемина на школувањето за кое течат роковите. Чекаат, кај и да е, да поминат 90-те дена од објавување на огласот и тој да пропадне. Откако ќе го пропаднат, тројцата директори сакаат да распишат нов, и по свои, а не по правилата на Еуроконтрол, да извршат избор на кандидати за почетно школување, првенствено, нивни деца и деца на функционери на ДУИ.

    Целиот случај прераснува во безбедносното прашање не затоа што во моментов нема квалификувани контролори, туку затоа што раководството на МНАВ ја одложува обновата со нов кадар. Станува збор за професија каде што за да „порасне“ нов контролор треба да поминат најмалку уште две години обука и тренинг, а сообраќајот на македонското небо поради пренасочување на летовите предизвикано од затворениот украински воздушен простор веќе е многупоинтензивен отколку пред ковид кризата.

    Со протестната нота која ја оставиле кај секретарката на директорот, надзорниците на процесот на избор на кандидати на огласот, поддржани со потписи од контролори на летање кои не се назначени на овие места, бараат да бидат вратени по систематизација на нивните основни работни звања и места – само контролори на летање.

    „Ако директорот не потпише веднаш најдобрите 8 да заминат на школување во Данска, ние се повлекуваме, па нека проба управниот одбор да најде кандидати за надзор за наредниот оглас. Ние сме овде единствени, сите за еден, еден за сите“, вели претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски.

    Според него, целата операција на пропаѓање на успешниот оглас оди преку комисијата која го спроведува. Хамиди, Селмани и Крстевски, ги натерале членовите на комисијата да побараат отчет од економскиот оператор од Данска за секој од одбиените 262 кандидати: зошто не поминал, со колку бодови паднал, но и податоци за осумтемина со највисоки оценки – зошто баш тие биле избрани и слично.

    Самиот директор Хамиди за САКАМДАКАЖАМ.МК вчера потврди дека Управниот одбор морал да ги знае тие детални податоци, за некој од отпаднатите кој смета дека не бил оценет реално, да не ја тужи Агенцијата. „Дали ќе пропадне огласот не зависи од нас, зависи кога економскиот оператор ќе ни ги прати податоците што ги бараме“, рече Хамиди.

    Многу деца на функционери од ДУИ, паднале уште за време на претселекцијата. Не го поминале ни првото ниво. Под притисок на тројцата директори, незадоволни што не поминале тие што требало да поминат од партиските списоци, но и синовите на Селмани и на Крстевски меѓу нив, била вратена точна бројка од 26 отпаднати кандидати, што требало да поминат, ако не морало да бидат  тестирани.

    Арно ама, за жал на партиските кадровици во Македонија, за контролор на летање мора да се поминат строгите тестови на Еуроконтрол. Првиот дел од ФЕАС – тестот на Еуроконтрол (сложениот тест има три дела), не го поминал ниту еден од овие 26 вратени кандидати со притисок. По неколку фази на строга селекција и полагање на компјутер пред данскиот оператор и под надзор на нашите искусни контролори на летање, кои сега сакаат да се повлечат од процесот, избрани се најдобрите осум.

    Меѓу нив има тројца Албанци, со извонредни резултати, но не биле тие од ДУИ што требало да влезат. Синовите пак на директорите Селмани и Крстевски отпаднале уште во првата селекција.

    Во протестната нота на контролорите на летање се изразува противење не само поради тоа што Управниот одбор не ги испраќа избраните на школување во Данска, туку се искажува и навреда и чувство дека Хамиди, Селмани и Крстевски не ги почитуваат мислењето и будниот надзор на контролорите од МНАВ на процесот на тестирање и селекција што го спроведувал операторот од Данска.

    Списоците на на 270-те кандидати што се пријавиле на огласот ги знаат сите овие контролори на летање кои добиле задолженија на надзор. Се знае и кои се тие 26 што ги форсирале тројцата директори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира