ИЗГРАДЕНИ 60 ОТСТО ОД ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА НА МАКЕДОНСКАТА СТРАНА ВО ПРЕСПА, НА ГРЧКАТА УШТЕ СТОИ ЛИВАДА

    ИЗГРАДЕНИ 60 ОТСТО ОД ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА НА МАКЕДОНСКАТА СТРАНА ВО ПРЕСПА, НА ГРЧКАТА УШТЕ СТОИ ЛИВАДАОткако на 12 март 2025 беше ставен камен-темелникот за реконструкцијата на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во Преспа, кај нас патот е проширен и израмент, подготвен за асфалтирање, се градат царинската управа со придружната инфраструктура, работат градежни машини. (Фото: СДК.МК)

    Додека од македонска страна се гради граничниот премин Маркова Нога во Преспа, од грчката страна на границата нѐ пречека стар земјен пат обраснат со трева кој наликува на ливада. Во изминатата година, откако на 12 март 2025 беше ставен камен-темелникот со што се означи почетокот од реконструкцијата на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во Преспа, кај нас патот е проширен и израмент, подготвен за асфалтирање, се градат царинската управа со придружната инфраструктура, работат градежни машини. Од грчка страна нема ништо – ни машини, ни работници, ни градежни интервенции.

    Преминот Маркова Нога-Лемос е затворен 59 години, а според најавите во 2025, интензивно требаше се обновува во следните 16 месеци и треба да биде готов до 2027. Средствата во износ околу од 14 милиони евра за целиот проект се обезбедени преку Европската унија (ЕУ), а имплементацијата се одвива преку Програма за развој на Обединетите нации (УНДП).

    Од грчка страна уште има само стар земјен пат обраснат со трева кој наликува на ливада и нема ни машини, ни работници, ни градежни интервенции, таму допрва треба да се гради, а рокот е до април 2018. (Фото: СДК.МК)

    „Кога се потпиша Преспанскиот договор во 2018 година, Грците урнаа цел еден рид за да почне да се гради патот, но потоа не видовме други градежни работи“, велат лица кои живеат во близина на граничниот премин.

    Според објавата на Општина Преспа, Грција, договорот за градежни работи и уредување на околината на граничната станица Лемос беше потпишан во април годинава, што значи таму допрва ќе почне да се гради. Рокот е 24 месеци што значи дека треба да биде завршен до април 2028 година.

    На 12 март 2025, евроамбасадорот Михалис Рокас заедно со премиерот Христијан Мицкоски, постојаниот преставник на УНДП Армен Григоријан и ресенскиот градоначалник Јован Тозиевски со засадување дрвца и удирање камен-темелник од македонската страна на границата, го означија почетокот од реконструкцијата на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во Преспа. (Фото: СДК.МК)

    „Проектот се однесува на изградбата на потребната инфраструктура за беспрекорно работење на полициска и царинска контрола на граничниот премин. Градбите вклучуваат осум контролни пунктови (шалтери), централна двокатна зграда, каде во приземје ќе бидат сместени услугите за контрола, додека на катот ќе бидат уредени простории, потоа уште една зграда и паркинг за возила“, се вели во објавата на грчката Општина Преспа.

    Од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, на нашето прашање дали воопшто е започната изградбата од грчка страна, ни одговорија:

    „Проектот БорПрес2 (BorPres2) започна со имплементација во февруари 2026 година, а подготовките за градежните активности се во тек. Градежните работи за новата зграда за царинска и полициска контрола во Грција и реновирањето на постојната полициска станица во Северна Македонија се очекува да завршат во февруари 2028“.

    На 5 јуни 2025, во присуство на двајцата министери за внатрешни работи на Македонија, Панчо Тошковски и на Грција, Теодорос Ливаниос и евроамбасадорот Михалис Рокас, во грчкиот дел на Преспа почнаа работните активности финансирани од ЕУ за отворањето на граничниот премин Маркова Нога-Лемос. (Фото: СДК.МК)

    И од Kанцеларијата на УНДП во земјава, што го спроведува проектот „ЕУ за Преспа“, ни одговорија дека се очекува делот на грчката страна да биде завршен во првата половина на 2028 година.

    Што се однесува на македонскиот дел, од УНДП велат дека работите се одвиваат согласно планираната динамика, при што досега се реализирани околу 60% од предвидените зафати.

    „Во моментов, се спроведуваат следните активности: изградба на Управната зграда на Царината со внатрешни инсталации, изведба на долниот строј на главната сообраќајница во правец кон Грција, поставување резервоар за вода со систем за противпожарна заштита, инсталирање мала пречистителна станица и поставување надворешни инсталации (атмосферска и фекална канализација и водоводна мрежа)“, ни рекоа од УНДП.

    Со новиот премин времето на патување помеѓу Ресен и Лемос ќе се намали од над 2 часа на само 40 минути, овозможувајќи поголема прекугранична мобилност, посилна економска и културна размена и поттик на регионалниот туризам. Граничниот премин ќе биде наменет за автомобили и патнички возила до 10 лица, но не и за камиони и автобуси.

    „Да бидеме искрени, желбата не е само наша за преминот да биде што поскоро, туку заедничка. Тогаш ја добиваме комплетната слика, бидејќи Преспа е од трите страни на Езерото и нашата заедничка цел е во туризмот заедно да настапуваме“, ни рече градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, кој лани заедно со евроамбасадорот Михалис Рокас, премиерот Христијан Мицкоски и постојаниот преставник на УНДП Армен Григоријан, со засадување дрвца и удирање камен-темелник од македонската страна на границата го означија почетокот од реконструкцијата на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во Преспа.

    Слична е инфраструктурната состојба и со железницата Битола-Лерин, додека од македонска страна е направена, од грчка не е репарирана зашто, како што грчките колеги му рекле на министерот за транспорт и врски Александар Николоски, Грција нема пари за тоа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира