Обвинителството за организиран криминал од специјалната обвинителка Катица Јанева ги побарало нејзините телефони во врска со истрагата во која Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец беа уапсени за примање поткуп и перење пари, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Катица Јанева, која денеска депонираше оставка, не е под истрага и не ѝ бил вршен претрес, велат извори од обвинителството.
Како што кажа обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска на денешната прес-конференција за случајот, првоосомничениот Боки 13 го искористил своето влијание кај јавен обвинител и зел 1,5 милиони евра од лице под истрага за да му ја олесни положбата.
- БОКИ 13 И ЗОКИ КИЧЕЕЦ НА РАСПИТ, СУДОТ ОДЛУЧУВА ПО БАРАЊЕТО ЗА ПРИТВОР
- БОКИ 13 ЗЕЛ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА ЗАПРЕ КРИВИЧНА ПОСТАПКА, СО ПАРИТЕ КУПУВАЛ ОБЛЕКА И ПЛАЌАЛ ОДМОРИ
- УАПСЕН БОКИ 13 НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН БОГОРОДИЦА
- КАТИЦА ЈАНЕВА ДЕПОНИРА ОСТАВКА ЗА ТАА ДА НЕ БИДЕ АЛИБИ ЗА ДРЖЕЊЕ ВО ЗАЛОЖНИШТВО НА СЈО И ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА
Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок. При овие средби, двајцата осомничени побарале 8 милиони евра од сведокот за да се запре кривичната постапка против него, но се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите откако извлекле 1,5 милиони евра.
За двајцата до судија за претходна постапка е поднесено барање за определување мерка притвор.
На денешната прес-конференција, јавниот обвинител Љубомир Јовески и Рускоска одбија да кажат за кој обвинител станува збор, а не објаснија ни дали се остварила трговијата со влијание, благодарејќи на моќта на обвинителот. Обвинителот за кој станува збор не бил повикан да даде исказ.
На прашање дали денешната оставка на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е поврзана со истражната постапка, Јовески одговори дека оставката е нејзин личен чин кој тие нема да го коментираат.
С. К. ДЕЛЕВСКА