Премиерот Христијан Мицкоски ги повика македонските граѓани да летуваат на нашите планини и езера откако Европската Унија воведе дигитална евиденција на патниците од земјите кои не се членки на Шенген зоната. Мицкоски ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе побара од Европската унија одложување на новиот систем во летната сезона.
„Јас не би коментирал апсолутно премногу за тоа, за тој начин на однесување. Имаме одредени разговори во рамките на Европската Унија како би се тоа надминало, но ако претставуваат проблем летните годишни одмори, имаме прекрасни езера, имаме прекрасни планини, имаме прекрасни места во Македонија. Јас ги повикувам македонските граѓани да ги поминат своите летни годишни одмори на македонските планини и езера, на македонските села, затоа што имаме прекрасна земја и самите треба да си ја чуваме затоа што втора резервна немаме“, рече Мицкоски во црквата Свети Спас во Скопје, по панихидата за 123 години од смртта од Гоце Делчев.
Премиерот Мицкоски лани од 4 до 10 август беше на летен одмор во Хрватска. Од Скопје за Сплит летал со комерцијален лет, а се вратил со владиниот авион бидејќи го пропуштил летот на „Кроација ерлајнс“.
Хрватска е дел од Шенген зоната и од 10 април и на тамошните гранични премини се применува новиот „влез – излез“ (ЕЕС) дигитален систем за регистрација на патници од трети земји.
Системот доведе до долги редици на некои европски аеродроми и на патните гранични премини на соседните земји на Балканот. Доцнењата би можеле да бидат полоши за време на продолжени викенди и летните одмори.
ЕЕС е дигитален систем дизајниран да следи кога граѓаните од земјите кои не се членки на ЕУ влегуваат и излегуваат од Шенген зоната. Опфаќа 29 европски земји, главно од ЕУ, низ кои луѓето можат да патуваат без гранични контроли.
Првиот пат кога ќе го користат новиот систем, луѓето од повеќето земји надвор од ЕУ ќе мора да регистрираат биометриски информации додека им се скенира пасошот. Машините го скенираат секој пасош, а потоа ќе зсе емат отпечатоци од прсти и фотографија.
А. АНТЕВСКА



