Министерството за земјоделство побара од Јавното претпријатие „Национални шуми“ да започне постапка за изменување и дополнување на постоечкиот план кој предизвуваше голема сеча во шумата над село Љубојно и околината во период од 2024 до 2033 година. За ваквиот чекор Министерството преку јавен допис ги извести членовите од Граѓанската иницијатива „Љубојно“ кои до март годинава четири месеци протестираа секој ден против гороцидот на шумата.
„Министерството го доби мислењето од Факултетот за шумски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг ‘Ханс Ем’ од Скопје, со кое се укажува дека е потребно да се пристапи кон изменување и дополнување на постоечкиот план за стопанисување со шумите во шумско-стопнанската единица Пелистер-Брајчино со важност 2024-2033. Со допис се одбративме до ЈП ‘Национални шуми’ да започнат со постапка за измени“, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство.
Жителите на Љубoјно велат дека со ова и официјално се прифатени нивните барања за промена на планот, што е победа за нив во одбрана на животната средина и екосистемот.
„Ова е потврда дека доколку стоиме заедно зад иста цел можеме и да ја постигнеме, а исто така, да ги поздравиме сите храбри луѓе кои учествуваа во протестите кои испишаа историја“, велат жителите на Љубојно.
Првичниот план кој сега ќе се менува предвидуваше сеча на 4.169 кубни метри дрвна маса во двата оддела, 29 б и 30 б, од шумскостопанската единица Пелистер-Брајчино, за што теренот под концесија беше даден на фирмата „Диба трејд“ од Косел. Сечата започна во летото 2025.
Жителите на Љубојно протестираа 128 дена, жалејќи се дека направен е гороцид во шумата оддалечена на 400 метри од селото што предизвикува поројни поплави во Љубојно, ерозија на земјиштето, па можни се и одрони. Кон крајот на 2025, доставија барање до Министерството да запре сечата и да се измени Посебниот план за стопанисуствање со шумите и шумско-стопанската единица Пелистер-Брајчино. По ова, надлежните побараа мислење од експерти колкави можат да бидат штетите и ризиците од сечата, по што се пристапува кон измена на планот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
*Оваа содржина е поддржана со грант од Алијансата за новинарство и наука (Journalism Science Alliance)
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА НА НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ:



