Неколку стотици жители на Струга денеска и покрај пандемијата на КОВИД-19 учествуваа во традиционален верски собир без да носат маски и без да одржуваат растојание од 2 метри.
Станува збор за литија со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона збогатена и со неговите чесни мошти од неговиот манастир во Рајчица, како и Чудотворната икона на Пресвета Богородица – Крнинска и на Христос Архиереј од Манастирот Пречиста Кичевска. По улиците на Струга граѓани без да држат растојание од два метри и голем дел од граѓаните без заштитни маски или марами на лицата одеа зад свештените лица, кои низ градот ги носеа светите икони. Литијата ја предводеше Митрополитот Дебарско-кичевски господин Тимотеј, кој одржа литургија и во струшкиот храм Свети Георгиј Победоносец. Литијата на струшките улици ја обезбедуваше и полиција.
И литургијата во храмот беше во присуство на голем број верници кои не одржуваа растојание.
Одржувањето на литијата беше најавено на 4 мај на официјалната страна на Бигорскиот манастир. Во соопштението се вели дека годинава поради пандемијата на КОВИД-19 на неа ќе учествуваат само свештени лица, но не и граѓаните, што денеска не беше испочитувано.
„Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на верниот народ. Учесниците ќе се придржуваат кон потребните мерки, а локалното население ќе може да ја проследи само од тротоарите на улиците каде што таа ќе минува, држејќи го препорачаното растојание. Исто така, со почеток во 16 часот, во струшкиот храм на Свети Георгиј Победоносец, од страна на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и на дел од локалното свештенство, ќе биде отслужена и традиционалната ктиторска Вечерна со панихида за покојните ктитори и градители, но повторно без присуство на народ. Со цел на верниците да им се овозможи да земат молитвено учество во оваа Вечерна, храмот ќе биде озвучен и тие ќе можат да ја слушаат богослужбата однадвор“, стои на страната на Бигорскиот манастир.
Во земјава на сила се мерките на Владата за спречување на ширење на коронавирусот со кои се забранети масовни јавни собири, забрането е групирање на повеќе од две лица, задолжително е носење на заштитна маска и држење на растојание од 2 метри. Казните за непочитување на овие мерки се 20 евра.
Досега заболени од коронавирус се 1.572 лица. Починати се 89, излекувани 1.079, а активни случаи се 404.
А. АНТЕВСКА