МЕСТО ДА ГИ ОСЛОБОДИ ОД ПЛАЌАЊЕ КАКО ШТО ПРЕДВИДУВА ЗАКОНОТ, ГРАД СКОПЈЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИ ИМ ПРЕСМЕТАЛ НАНАЗАД ЗА 5 ГОДИНИ ДАНОК НА ИМОТ И ДО 1.000 ЕВРА

МЕСТО ДА ГИ ОСЛОБОДИ ОД ПЛАЌАЊЕ КАКО ШТО ПРЕДВИДУВА ЗАКОНОТ, ГРАД СКОПЈЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИ ИМ ПРЕСМЕТАЛ НАНАЗАД ЗА 5 ГОДИНИ ДАНОК НА ИМОТ И ДО 1.000 ЕВРА„Вакви решенија за данок на градежно земјиште, а всушност за земјоделско земјиште што се обработува со години, имаат добиено и други сограѓани од Долно Лисиче. Ама нема да помине ова! Се спремаме за блокади, оваа работа на голема ќе излезе“, вели еден од оштетените, Панче Кечовски. (Фото: СДК.МК)

На Панче Кечовски од скопската населба Драчево, за земјоделско земјиште кое се обработува, спремено по европски стандарди со ИПАРД средства уште од 2013 година, и на кое се одгледуваат цвеќе и зачини, наместо да го ослободи од плаќање данок на имот, Град Скопје му бара да плати данок како за градежно, необработено земјиште.

И не само што не дошле да видат дека земјиштето и тоа како се обработува, туку и во еден ден, на 21.12.2023 година, му напишале пет решенија за да плати данок на „градежното“ земјиште по 10.440 денари. Во тој ист ден, на 21.12. 2023 година, службите во Град Скопје му пресметале на Панче данок наназад за 5 години, па сега му бараат над 50.000 денари, односно речиси 1.000 евра да ги плати веднаш.

Кечовски веднаш случајот го пријавил кај Народниот правобранител. Кога оттаму виделе дека службите од Град Скопје воопшто не излегле на терен да видат дека нивата се обработува и според законот за даноци Кечовски е ослободен од плаќање данок, ургентно до градоначалничката Данела Арсовска испратил укажување со кое бара да ги поништи сите 5 решенија.

Вакви претставки за данок на имот за ниви што се обработуваат, пресметан наназад за пет години, кај Народниот правобранител стигнале уште од петмина жители од реонот во Долно Лисиче.

Ај што не отишле да видат дека на земјиштето се одгледуваат земјоделски култури, ај што не се потрудиле ни од имотниот лист од Катастер да прочитаат што е насадено, туку кај случајот на Кечовски не прашале во Министерството за земјоделие ни дека е заведено дека прима субвенции и оти е во ИПАРД – програмата.

Град Скопје не излегол на терен да ја утврди фактичката состојба дека тие парцели што се навлезени во делови во градежен реон, се всушност за земјоделско производство, утврдил Омбудсманот и бара да се поништат сите такви решенија за данок на имот. (Фото: СДК.МК)

Кечовски ѝ се обраќа на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и на нејзините служби и ги учи: „Сите парцели кои се навлезени во градежно земјиште, со потврда од матичната општина, во случајов Аеродром дека тоа земјиште се обработува, се ослободени од плаќање данок на имот!“.

Народниот правобранител за сите овие случаи писмено го предупредува Градот на тој член 8 од Законот за даноците на имот, во точката 10 да прочита дека не се плаќа данок на имот на земјоделско земјиште што се користи за земјоделско производство.

„Тотална несинхронизираност на Град Скопје, Катастерот, Министерството за земјоделие, несинхронизираност на сите институции и градоначалници во државата. Ова е катастрофа! Вакви решенија за данок на градежно земјиште, а всушност за земјоделско земјиште што се обработува со години, имаат добиено и други сограѓани од Долно Лисиче. Ама нема да помине ова! Се спремаме за блокади, оваа работа на голема ќе излезе“, вознемирен е Панче

Кечовски и најавува дека засегнатите мештани се подготвуваат да блокираат патишта ако Град Скопје не ги поништи незаконските решенија за данок на имот.

Во правната поука службеникот од Град Скопје Метин Хасанбеговиќ напишал дека тужбата против решенијата, не го одлага нивното извршување, што значи дека Панче и сите на кои им стасале небулозните решенија, ќе мора веднаш да го платат данокот, пресметан во декември за од 2019 година наваму.

„Ама јас не седам, веќе поднесов тужба“, вели Кечовски.

Тој и мештаните се многу револтирани, зашто пред повеќе децении само за да се направи населба Драчево, хектари и хектари најквалитетно земјиште им е одземено на селаните драчевци и лисичани, а тоа земјиште што им е оставено, е буквално шлапнато во градежен реон.

„Ееееј, имот што си го купиле од Турците нашите прадедовци, со крв и со живот спечалени! Па барем детален урбанистички план да се донесеше. Сè уште не се носи!“, револтирани се мештаните.

Кечовски го удрил шок кога отишол во Град Скопје и му потврдиле дека има 5 решенија за данок за земјиштето што го обработуваат со внукот, и особено кога тоа му го потврдиле во УЈП во Кисела Вода.

„Сите се на исти датум напишани!“, не може да се смири Кечовски за грабежот што му се врши од Град Скопје.

Народниот правобранител констатирал дека на Кечовски му се повредени уставните и законските права со тоа што Град Скопје не ја утврдил фактичката состојба и без никаква постапка, без да го информираат сопственикот на парцелата, со кршење на Законот за даноците на имот, го оштетиле. (Фото: СДК.МК)

Тој отишол веднаш во општина Аеродром, комисија дошла на увид на парцелата, по што издала потврда дека земјиштето се користи за земјоделско производство. Тој документ Кечовски го поднел со приговорот. Но, службениците: Марија Трпковска-Карчевска, Анита Наков и Нуредин Нуредини од Град Скопје, на 15 јануари му ја одбиле жалбата, со образложение што нема врска со темата. Му напишале: „се утврди дека вие сте сопственик на парцелата и вие сте задолжен да го платите данокот за неа“.

Панче барал одјава на градежно земјиште, бидејќи се користи за земјоделско производство, како и поништување на 5-те решенија за пресметан данок наназад за 5 години, а тие му одговараат како да барал да го бришат дека е сопственик. Го прават будала.

Народниот правобранител констатирал дека на Кечовски му се повредени уставните и законските права со тоа што Град Скопје не ја утврдил фактичката состојба и без никаква постапка, без да го информираат сопственикот на парцелата, со кршење на Законот за даноците на имот, го оштетиле. Во дописот до Градот, Омбудсманот бара веднаш да ги поништи сите пет решенија и да го извести во рок од 10 дена.

Народниот правобранител испратил укажувања со барање да се поништат решенијата за данокот пресметан наназад пет години, и за сите други случаи за кои стигнале претставки кај него. Засега нема повратен одговор од Град Скопје за ниту еден од овие граѓани на кои Град Скопје им ги повредил уставните и законските права.

Кечовски вели дека има и друга болка, зашто на гранична парцела меѓу две општини, Кисела Вода му ја зема пола нива за парцела впишана во Аеродром, и не му ја плаќа. Но, тоа е друга голгота во овој хаос од несинхронизација и некомуникација меѓу градоначалниците, но и меѓу министерствата, Катастерот, или пак класичен грабеж, насочен кон дел од земјоделците во овој скопски регион.

С. К. ДЕЛЕВСКА


 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира