Јавното обвинителство ги истражува причините за масовните пожари во земјава изминатиов месец, но нема сознанија дека станува збор за организирано палење или за субверзивна или терористичка акција.
„Неколку обвинителства од државата, надлежни за територијата каде се случија пожарите, работат во координација со МВР и други надлежни институции на расветлување на причините за предизвиканите пожари. Поднесени се и кривични пријави. Со оглед на зачестеноста на пожарите и предизвиканите сериозни последици, Обвинителството и генерално ги истражува причините, но во овој момент јас немам информација дека Обвинителството има сознанија за организирано палење или за субверзивна или терористичка акција на различни делови на територијата на Република Северна Македонија”, одговори за САКАМДАКАЖАМ.МК портпаролката на Државното јавно обвинителство Елизабета Недановска, на прашање дали Обвинителството истражува организирано палење на шумите и останатите јавни површини како можна субверзивна или терористичка акција.
Вчера командантот на Бригадата за противпожарна заштита Владимир Симоновски рече дека депонијата на кејот на реката Вардар кај салата „Борис Трајковски“ во Скопје е намерно запалена. Речиси 10 часа пожаникарите не можеа да го изгаснат пожарот недалеку од станбените објекти во Карпош и две приватни и една државна болница.
„Тврдам дека е намерно запалена депонијата. Од досегашното искуство што го имаме на пожари, ова не е случај на невнимание или случајно запалено ѓубре. Пожарот е подметнат на пет-шест места и одеднаш од секаде, од сите страни на депонијата избувна. Тоа не е од невнимание туку некој сакал тука да има пожар“, рече вчера Симоновски.
Обвинителството во моментов не може да одгвори и на нашето прашање дали ги гони потпалувачите само за полесното дело Предизвикување општа опасност, каде поминуваат само со парични казни, или пак за делото Предизвикување шумски пожар за кое е предвидено затворска казна од најмалку осум години. Најавија дека во текот на неделава ќе ни одговорат и на прашањето за кое дело се обвинети упасените потпалувачи од изминатава година.
Од почетокот на годинава за подметнување пожари уапсени се 9 лица. Последното лице беше уапсено завчера во село Врбоец, Крушевско и му беше одредена мерка домашен притвор во рок од 30 дена.
Во првите три месеци од годината речиси тројно е зголемен бројот на пожари на отворено во скопскиот регион. Бригадата за противпожарна заштита на Скопје од први јануари до 18 март интервенирала на 545 пожари. Најмногу од интервенциите биле запaлена сува трева. За разлика од оваа година, лани во првите три месеци бројот на пожари на отворено бил 220.
На 29 март, поради појавата на шумски пожари, Владата воведе забрана за движење во шума и шумско земјиште преку цел ден и цела ноќ. Забраната важи од вчера и ќе трае сѐ до нејзино отповикување. Оваа забрана не важи за вработените во национални паркови и шуми. За непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра.
С. К. ДЕЛЕВСКА