Од утре се намалува времетраењето на полицискиот час и наместо од 16 часот, забраната за движење ќе почнува од 19 и ќе трае до 5 часот наутро. На денешната владина седница донесена е одлука полицискиот час во викендите да почнува од 15 часот во сабота и да трае до 5 часот наутро во понеделник.
„За лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 5 часот наутро до 12 напладне. Младите до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13 до 19 часот. Во сабота за лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење од 5 до 11 часот, а за лицата до 18 година од 12 до 15 часот“, се вели во соопштението на Владата.
Другите одлуки кои се донесени на денешната седница и дали ќе треба задолжително да се носат маски, од Владата најавија дека ќе ги соопшти премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција закажана во 17 часот.
Намалувањето на рестрикциите во движењето ги најави вчера министерот за здравство Венко Филипче и се по препорака на Комисијата за заразни болести.
А. АНТЕВСКА