ОДГОВОРНОСТА ЗА КРИМИНАЛОТ СО ЛЕКОВИ ЗА РАК НА КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА ИМА ИМЕ И ПРЕЗИМЕ, ВЛАДАТА НЕМА ДА ИНТЕРВЕНИРА И ДА ЗАШТИТИ НИКОГО, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ

    ОДГОВОРНОСТА ЗА КРИМИНАЛОТ СО ЛЕКОВИ ЗА РАК НА КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА ИМА ИМЕ И ПРЕЗИМЕ, ВЛАДАТА НЕМА ДА ИНТЕРВЕНИРА И ДА ЗАШТИТИ НИКОГО, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИПремиерот не одговори дали Владата го разгледала ревизорскиот извештај за Клиниката на онкологија кој е поднесен пред година и пол, не кажа дали ќе има политичка одговорност и не одговори зошто институциите не реагирале многу порано. (Фото: К. Попов)

    Одговорноста за криминалот со лековите за рак на Клиниката за онкологија има име и презиме, и врз основа на докази ќе бидат санкционирани оние што го прекршиле законот и етичките и морални норми за обавување на здравствената дејност, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој кажа дека ја поздравува акцијата на МВР и на Обвинителството и дека дека ваков тип на криминал е „мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен“. Тој истакна дека Владата нема да прави никакви интервенции и дека ќе нема заштита за кого било оти се работи за грозни наводи кои се предмет на истрагата.

    Премиерот не одговори дали Владата го разгледала ревизорскиот извештај за Клиниката на онкологија кој е поднесен пред година и пол, не кажа дали ќе има политичка одговорност и не одговори зошто институциите не реагирале многу порано и покрај текстовите во медиумите кои за криминалот со лековите за рак почнаа да објавуваат пред 9 месеци.

    „Тоа се грозни наводи кои не смеат да се случуваат, а за кои сме слушале во текот на изминатите 20 години. Ова е првпат да биде спроведена ваква обемна акција за идентфикација на сторители на вакви дела. Да повикам да не се прави сензационализам и напад на сите доктори и сестри. Најголемиот персонал се извонредни кадри кои се грижат за нашето население. Секој криминал има име и одговорност и задачата на МВР и на ОЈО е да обезбедат докази и да ги најдат сторителите“, рече Ковачевски.

    Ковачевски рече дека на Онкологија има нов директор и тој соработува во истрагата, а секој друг навод кој ќе биде достапен до јавноста за која било клиника, ќе биде третиран и санкциониран од институциите.

    Обвинителството вчера соопшти дека во завчерашната акција се одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација од Клиниката за онкологија и од два приватни стана, а врз основа на предистражна постапка по текстовите на неделникот „Фокус“, како и на „Слободен печат“, за криминална бизнис-мрежа за препродавање скапа биолошка терапија за лекување на болните од рак на клиниката. Обвинителството соопшти дека се се обезбедуваат докази за испитување кривично дело.

    И министерот за здравство д-р Фатмир Меџити вчера изрази „силна поддршка за акцијата на обвинителството и полицијата на Клиниката за онкологија“ го осуди криминалот и рече дека очекува институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата. Лекарската комора изрази голема загриженост за „вознемирувачките информации изнесени во медиумите за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија“. Од таму велат дека ако се покажат вистинити, тоа ќе ќе значи голема повреда на правата на пациентите, но и непочитување на основните етички принципи во вршење на здравствената дејност.

    „Слободен печат“ пред 9 месеци објави дека на Клиниката се крадат скапите лекови кои наместо да им се дадат на пациентите, се препродаваат на црниот пазар. Потоа со серија текстови во „Слободен печат“ беа презентирани информации според кои на досиеја на починати пациенти кои починале во 2014, во 2022 година Клиниката уште фиктивно раздолжува лекови.

    Неделникот „Фокус“ минатиот месец објави серија текстови за криминалот со препродавање скапа биолошка терапија на Клиниката за онкологија, која е воведена од 2019. Според изворите на „Фокус“, во оваа шема се вклучени повеќе лекари и медицински персонал на клиниката. Криминалот е вршен така што во системот се внесувале и блиски роднини на ексменаџментот на клиниката кои не се болни од рак, но лековите што се наменети за нив се препродавале. „Фокус“ објави и дека на дел од пациентите им се дава половична терапија без да знаат, со што скапата биолошка терапија завршува на црниот пазар, највeројатно во Косово.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира