ОПШТИНА КАРПОШ ЈА ПРОДОЛЖИ ПОСТАПКАТА ЗА ДЕТАЛНИОТ ПЛАН ЗА ВЛАЕ СО КОЈ НАСЕЛБАТА ЌЕ СЕ ЗАДУШИ СО ГОЛЕМА 12-КАТНИЦА

    ОПШТИНА КАРПОШ ЈА ПРОДОЛЖИ ПОСТАПКАТА ЗА ДЕТАЛНИОТ ПЛАН ЗА ВЛАЕ СО КОЈ НАСЕЛБАТА ЌЕ СЕ ЗАДУШИ СО ГОЛЕМА 12-КАТНИЦАИ со новата верзија на планот, во ист габарит и со висина од 12 ката останува зградата на местото на бараките на поранешно кино „Влае“.(Фото: СДК.МК)

    Општина Карпош ја продолжи постапката за носење на Детален урбанистички план (ДУП) за населбата Влае 2, со кој се предвидува изградба на 12-катница на површина од 20.800 метри квадратни. Регулацискиот план за овој дел од градот врз основа на кој се прави ДУП-от беше поништен со одлука на Советот на Град Скопје. Но, градоначалничката Данела Арсовска ја обжалила одлуката за поништување на планот пред Државниот градежен инспекторат, кој донел одлука дека не е важечка одлуката за поништување на планот и со тоа тој сè уште е важечки.

    „Ние се обративме до Град Скопје од каде добивме одговор дека Регулацискиот план е на сила. Затоа, пристапивме кон понатамошка изработка на ДУП-от врз основа на забелешките од анкетните листови кои ги пополнија граѓаните после првата јавна презентација. Направени се измени со кои намалена е површината за градба, а зголемено зеленилото“, рече планераката Меланија Калаџиска од планерската куќа „Билд урбан“.

    Со измените, избришана е маркичката за црква од плоштадот Делфина и нацртана на просторот кај „Кам маркет“ каде со првичната верзија имаше зграда. Улицата Есперанто и со овој план минува низ школото „Димо Хаџи Димов“, а во ист габарит и со висина од 12 ката останува зградата на местото на бараките на поранешно кино „Влае“.

    Граѓаните кои беа на јавната презентација влегоа во жестока меѓусебна караница. Дел од нив предводени до граѓанската иницијатива „Борба за Влае“ беа против планот со кој се бетонизира насeлбата, а други, меѓу кои имаше и претставници на градежниците, велеа дека планот е добар и треба да се реализира.

    „Зградата на кино Влае не припаѓа во нашата населба, а посебно не во оваа џиновска форма. Уште поважно е што парцелата на која мнозински сопственик е Аполо Инжењеринг претходно имала 19.724 метри квадратни на сите катови, а сега има 20.801. Така што, не е баш дека е скратено од зградата. Кратењето е од другата парцела, која претходно била 1.377 а сега е 944. Таа парцела е катната гаража која бидејќи е одвоена не ни мора да ја изгради за да ја изгради 12-катницата“, рекоа од „Борба за Влае“.

    Граѓани прашуваа како е можно да им се нацрта градинка во приватен имот, а државно земјиште се распродава за да се градат згради?

    Дел од нив велеа дека не можат да направат никакви санации, реновирања и доградби на куќите 7 години, бидејќи нема детален план.

    „Мојата куќа од едната страна паѓа, а јас не можам да ја поправам оти нема план и не можам да добијам дозвола. Претходниот е поништен од Уставен суд, овој не може да се донесе и ние 7 години не можеме ништо да направиме на нашите имоти освен да градиме на диво. Има ли некој од Општината кој може да ни каже кога ќе имаме план?“, рекоа граѓаните на презентација.

    Планерката молчеше на овие прашања на граѓаните велејќи дека таа е од приватна фирма, а претставниците на Општината кои беа во салата молчеа, не одговараа на прашањата на граѓаните и не влегуваа во дискусија со нив.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира