ГРАДЕЊЕ ЗГРАДИ КАЈ КИНО ВЛАЕ Е СОГЛАСНО ЗАКОНОТ И ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАН, НЕ МОЖАМ ЈАС СЕГА ДА НАЦРТАМ ТРЕВА, ВЕЛИ ЈАКИМОВСКИ

    ГРАДЕЊЕ ЗГРАДИ КАЈ КИНО ВЛАЕ Е СОГЛАСНО ЗАКОНОТ И ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАН, НЕ МОЖАМ ЈАС СЕГА ДА НАЦРТАМ ТРЕВА, ВЕЛИ ЈАКИМОВСКИНа прашање дали тој како градоначалник избран од граѓаните смета дека треба да има нови згради, а притоа нема соодветна инфраструктура која може да ги прими новите жители, Јакимовски вели дека не може да кажува што мисли туку мора да работи според законот и да носи одлуки. (Фото: Општина Карпош)

    Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски вели дека новите 10-катници на местото на поранешно кино Влае кои се предвидуваат со Деталниот урбанистички план (ДУП) Влае 2, не може да се избршат. Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК, тој вели дека го почитува законот и повисоките акти како Генералниот урбанистички план (ГУП) кои таму предвидуваат станбено домување односно изградба на згради.

    „Не можам да кажам таму ќе нема згради, ќе нацртаме трева. Ние мора да работиме според законот односно правилник донесен во 2015 година според кој, за површина над 1.000 метри квадратни мора да се нацртаат маркички за згради од приземје, девет ката плус поткровје. Тука површината е поголема и затоа имаме максимална висина од 10 ката. Тие згради се предвидени со претходниот Детален урбанистички план и сега ние не можеме на некого нешто да му одземеме. Исто така, Генералниот урбанистички план донесен во 2012 и Регулацискиот план направен според него пред една година, на тој дел предвидуваат домување. Со претходниот план таму се дозволуваа 16-катници, а сега висината е намалена на 10 ката“, вели градоначалникот Јакимовски.

    Претходниот план, за кој Јакимовски  вели дека со него биле предвидени зградите, беше донесен во негово време односно во претходниот негов мандат од 2013 до 2017, а во 2018 беше поништен од Уставен суд. На нашето прашање дали тој како градоначалник избран од граѓаните смета дека таму и на празниот простор кај „Кам маркет“ треба да има згради, а притоа нема соодветна инфраструктура која може да ги прими новите жители, Јакимовски вели дека не може да кажува што мисли туку мора да работи според законот и да носи одлуки.

    „Категорично тврдам дека направивме подобар план од претходниот. На локацијата кај кино Влае отсекогаш се предвидувале објекти. Прво беше трговски центар, а со ГУП-от од 2012 просторот доби пренамена домување. Се согласувам дека може зградите малку да се стеснат, да се остави простор за повеќе зеленило. Кај ‘Кам’ мора да им зграда оти таа е предвидена со претходниот план. Точно дека сега земјиштето е државно, но во тек е процес на денационализација и ако сега ја избршиме маркичката, кога ќе заврши процесот сопственикот може да ја тужи Општината, бидејќи одземено му е правото кое еднаш му било дадено“, вели Јакимовски.

    Бидејќи Јакимовски постојано вели дека ДУП-от го прави согласно ГУП-от, го прашавме зошто не почека да се донесе нов Генерален план кој е во фаза на подготовка, каде како Општина ќе побара да се сменат одредени намени. Јакимовски вели дека планот 3 години стои, а граѓаните не можат да си ги решат имотните прашања, не можат да ги средат и откупат парцелите и да добијат право за доградба на куќите.

    „Секогаш одредени поединци зборуваат дека се нацртале згради и нема зеленило, што не е точно, има многу повеќе зелени површини од претходно. Никој не ги слуша граѓаните кои постојано бараат од Општината да се донесе план. Тие сега не можат ништо да прават со своите имоти, бидејќи претходниот план е укинат“, додава Јакимовски.

    За обвинувањата на граѓаните дека на местото на спортските терени ќе се градат затворени спортски објекти, Јакимовски вели дека тоа не може да се случи и се шират лажни вести.

    „На крајот на порта Влае нацртавме зеленило, тоа е единствена површина со државно земјиште. Мора да има пред зградите монтажен паркинг, бидејќи граѓаните постојано се жалат дека нема место за паркирање. Нацртавме и градинка во склоп на училиштетото ‘Димо Хаџи Димов’ и друга на кејот на Вардар. За овие маркички се жалат граѓаните кои се сопственици на имотите. Црква мора да има, бидејќи во овој дел нигде нема верски објект и веќе разговараме со Г. Г. Стефан за нејзина изградба“, вели Јакимовски.

    Планот за Влае 2 до вчера беше изложен на јавна анкета и граѓаните можеа да поднесуваат анкетни листови. Од Општината велат дека ќе ги земат предвид сите барања на граѓаните кои се согласно законот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира