ПАЛЕВСКИ СЛЕТА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ СО КОМЕРЦИЈАЛЕН ЛЕТ, ПОД ПОСЕБНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ОД ТУРСКАТА ПОЛИЦИЈА ВО АВИОНОТ

    ПАЛЕВСКИ СЛЕТА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ СО КОМЕРЦИЈАЛЕН ЛЕТ, ПОД ПОСЕБНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ОД ТУРСКАТА ПОЛИЦИЈА ВО АВИОНОТСе очекува тој да биде однесен директно во затворот „Шутка“, каде прво ќе му биде извршен лекарски преглед (Фото:СДК.МК)

    Љупчо Палевски, првообвинетиот за киднапирање и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на велешанецот Панче Жежовски, слетал на скопскиот аеродром вечерва околу 19.30 часот. Се очекува по напуштањето на аеродромот ТАВ, тој да биде однесен директно во затворот „Шутка“.

    Неофицијално, стигнал со комерцијален лет, сепариран од другите патници, со посебно организирано обезбедување од турската полиција.

    На Палевски веднаш му стапува мерката притвор од 30 дена, што му е одредена претходно.

    Во притворскиот затвор во Шутка месец ипол била спремна посебната соба за Палевски. Тој ќе биде под посебно обезбедување, во засебна ќелија преку која се доаѓало преку посебен ходник.

    Првин ќе биде прегледан од лекар за да не има повреди, односно ќе му се направи детален медицински преглед.  Потоа ќе биде стрижен од бербер, по што ќе му биде даден затворски комбинезон. Храната ќе му биде посебно проверувана, а еднаш во денот на одредена минутажа ќе шета на сам, на посебен отворен простор врзан за засебната ќелија. Нема да јаде и да се шета со другите притвореници, од безбедносни причини, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од затворот.

    На прашање дали ќе му бидат дозволени посети, надлежните во затворот велат: „Секако, се што ќе биде дозволено од Основниот кривичен суд Скопје, ќе му биде овозможено на екстрадираното лице. Ништо повеќе, ништо помалку“.

    Љупчо Палевски со прекар Палчо, е првоосомничен во групата дека ги организирал грабнувањата и дека лично со пиштол ги убил Вања Ѓорчевска од Скопје на 27 ноември и Панче Жежовски од Велес на 22 ноември. Ѓорчевска е убиена па закопана близу Скопје, а Жежовски близу Велес.

    Тоа утро, Ѓорчевска била грабната на излегување од дома, во влезот на зградата, ѝ биле врзани рацете и нозете, била ставена во вреќа за спиење и ставена во гепек. Киднаперите претходно вечерта од таткото биле информирани дека Ѓорчевска ќе оди на училиште сама и кога ќе излезе. Девојчето било киднапирано со цел да се изнудат пари од нејзината мајка, а набрзо потоа била убиена со пиштол.

    Палевски избега, но на 5 декември беше уапсен во Турција. Тој се екстрадира за истрага за кривични дела Грабнување и Убиство, која ја води Скопското обвинителство.

    За двата свирепи случаја се осомничени уште 5 лица. Тројца од нив (В. М., В. К. и Б. В.) се осомничени за двете убиства и киднапирања, таткото на Ѓорчевска е осомничен за киднапирање на ќерка си, додека С. Д. е осомничен дека му помогнал во бегството на првоосомничениот Љупчо Палевски. Тројца од нив се во притвор.

    Сите осомничени кои ги гледале и присуствувале на свирепите убиства, дале идентични изјави во истрагата, како за убиецот, така и за двата настана, од почеток до крај.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира